Во она што звучи како сцена од научнофантастичен трилер, хуманоиден робот е приведен од полицијата откако исплашил постара жена во Кина. Според локалните медиуми во Макао, 70-годишната жена била запрепастена кога одеднаш забележала робот што стои зад неа.
На видеото се гледа како жена вика и мавта со торбата кон малиот робот, кој постојано ги крева рацете во воздух.
Потоа на видеото се гледаат двајца полицајци како го придружуваат роботот „Unitree G1“ по улицата, а едниот од нив го води држејќи го за рамо.
Полицијата им рекла на новинарите дека жената застанала да го провери телефонот кога роботот застанал зад неа, чекајќи да му го расчисти патот.
View this post on Instagram
Постарата жена била исплашена кога сфатила дека роботот тивко ја следи по улицата. По инцидентот, жената им кажала на полицајците дека не се чувствува добро, па затоа била однесена во болница на преглед и лекување.
Откако лекарите потврдиле дека немало физички контакт меѓу неа и роботот, неименуваната жена изјавила дека нема да поднесе тужба против операторот на роботот.
Инцидентот се случил пред станбен комплекс во Макао.
Во видеото, според преводот на весникот „Макао пост“, жената може да се слушне како вика: „Срцето ми чука силно поради тебе! Имаш ти многу работа, па зошто го правиш ова? Дали си нормален?“
Иако роботот официјално не беше уапсен, полицијата го отстрани од местото на настанот и му го врати на операторот, маж во педесеттите години, со предупредување да биде повнимателен во иднина.












