Иако со години беше симбол на „машка“ професија, рударството денес доживува длабока трансформација во која сè поголем број жени заземаат клучни позиции. Развојот на технологијата и модернизацијата на процесите ја отвораат индустријата за нови кадри, каде што знаењето и одговорноста се поважни од физичката сила. Во пресрет на 1 Мај, приказната на инженер Марија Станковска од рудникот „Саса“ ја отсликува оваа промена на терен. Нејзиниот пример покажува дека стереотипите паѓаат, а современото рударство станува простор на еднакви можности.
– Рударството денес нуди многу повеќе отколку што луѓето обично замислуваат. Тоа е индустрија каде што се употребуваат современи технологии, иновации и одржлив развој. Ако имате интерес за инженерство и сакате динамична и одговорна професија, ова е поле каде што можете да се развивате и да имате значајна улога. Сè повеќе жени веќе го прават тоа и јас сум убедена дека тој тренд ќе продолжи – вели таа за весникот ВЕЧЕР

Во рударската индустрија, која со децении важеше за типично „машка“ професија, постепено се случуваат значајни промени. Иако мажите и понатаму доминираат, сè повеќе се „раѓаат“ жени лидери кои го менуваат лицето на повеќевековната традиција на рударството. Благодарение на развојот на дигиталните технологии и модернизацијата на процесите, сè поголем број жени го пробиваат патот кон лидерски позиции, носејќи нова енергија, знаење и современ пристап во оваа традиционална гранка, рушејќи ги долгогодишните стереотипи.
Според достапните податоци, жените сочинуваат помалку од 20 проценти од вкупната работна сила во рударството на глобално ниво. Но, токму тоа покажува дека токму во овој сегмент се крие значителен неискористен потенцијал – од оперативните позиции на терен, па сè до највисоките управувачки структури во рудниците. Современото рударство нуди конкурентни примања, можности за професионален развој и стекнување специфични вештини, додека бројни истражувања потврдуваат дека машко-женските тимови придонесуваат за поголема иновативност и подобри финансиски резултати.
Рудникот „Саса“ од Македонска Каменица, преку континуирани инвестиции во напредни технологии и модернизација, денес се позиционира како пример за современо и одржливо рударство. Трансформацијата од традиционална, физички напорна работа кон дигитализирана и технолошки напредна индустрија создава услови за поголема вклученост на жени во сите сегменти од работењето.
Во пресрет на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, разговаравме со Марија Станковска, заменик-управник за припрема на паста и одлагање на јаловина во рудникот „Саса“. Нејзината позиција сама по себе сведочи за трансформацијата што ја доживува индустријата. Нејзиниот професионален ангажман претставува пример дека знаењето, одговорноста и лидерството се универзални вредности, независни од родот.

Станковска вели дека во рудникот „Саса“ работат жени на различни позиции, вклучително и на раководни функции.
– Современото рударство е индустрија во која доминираат технологијата, автоматизацијата и дигитализацијата и физичката сила одамна не е пресуден фактор. Многу поважни се знаењето, аналитичкото размислување и одговорноста. Сите ние жени вработени во рудникот покажуваме дека успехот во оваа индустрија не зависи од полот, туку од компетенциите и посветеноста – нагласува таа.
Нејзината работа како заменик-управник на припрема на паста и одлагање на јаловина е поврзана со управување со еден од најважните сегменти во современото рударство, а тоа е третманот и одлагањето на минералниот остаток од производството, односно јаловината, која сè повеќе се третира преку имплементација на нови, одржливи технолошки решенија.
– Мојата секојдневна работа и одговорност е координација на активности поврзани со управувањето со јаловина на површина во рудникот„ Саса“. Првиот сегмент е организација, контрола и безбедно извршување на процесите во постројката за подготовка на т.н. паста, која се користи за заполнување на откопаните простори во јама. Во делокругот на моите одговорности спаѓа и постројката за суво одлагање која започна со работа од април минатата година, со што се овозможи суво депонирање на дел од јаловината врз површината од старите јаловишта – вели Станковска.
Овие процеси, посочува таа, се комбинација од современа технологија, системи и процедури што обезбедуваат усогласеност со највисоките меѓународни стандарди во оваа област.

– Тие придонесуваат за зголемување на стабилноста и безбедноста на подземните операции и значително ја намалуваат потребата за површинско одлагање на јаловина, што е особено важно за заштитата на животната средина. Со други зборови, станува збор за технологија која овозможува побезбедна и поодржлива работа на рудникот. Но, за да биде постигнато сето погоре наведено, неопходно е пастата која се испорачува во јама, како и филтрираната јаловина, во континуитет да ги исполнуваат барањата за квалитет. Ова е најголемата одговорност која произлегува од мојата работна позиција, каде што несомнено ми помагаат стекнатото знаење и работно искуство, како и одговорниот пристап, организациските и лидерските способности – нагласува Станковска.
Покрај техничкиот аспект, нејзината улога вклучува и управување со тим, менторирање и донесување одлуки кои придонесуваат за континуирано подобрување на работните процеси. Иако нејзините работни обврски се координација на активности и следење на процесите во површинските постројки за подготовка на паста и суво одлагање, посебно, Станковска вели дека повремено оди и во посета на јами.
– Повремено одам и во посети во јама. При овие посети се чувствувам целосно безбедно. Безбедноста во рудникот САСА е апсолутен приоритет и тоа се гледа во секој сегмент од работењето, почнувајќи од процедурите за безбедност, преку заштитната опремата со која е задолжен секој вработен, па сè до континуираните обуки кои ги поминуваат сите вработени. Современите технолошки решенија и системи за мониторинг дополнително ја зголемуваат сигурноста, што ја прави работната средина контролирана и добро управувана – додава таа.
Во поглед на стандардите што се применуваат во рудникот, Станковска вели дека се на високо ниво не само во регионален, туку и во поширок, меѓународен контекст.
– Во САСА се применуваат современи технологии и континуирано се инвестира во модернизација, безбедност, услови за работа и заштита на животната средина. Како дел од меѓународната рударска компанија Central Asia Metals (CAML), со седиште во Лондон, рудникот „Саса“ во изминатите години бележи значаен развој. Компанијата инвестираше многу во модерна опрема, напредни технологии и унапредување на стандардите, како и во професионалниот развој на вработените. Дополнително, имплементацијата на решенија како постројката за подготовка на паста и системот за суво одлагање ја позиционира САСА рамо до рамо со најдобрите практики во современото рударство – истакнува таа.

Токму управувањето со комплексни процеси во средина која постојано се развива, за неа е најголемиот предизвик.
– Работиме на проекти што се технолошки напредни и бараат координација помеѓу различни тимови. Истовремено, мора да се осигури дека секоја активност се одвива во согласност со строгите безбедносни и еколошки стандарди. Токму оваа комбинација од одговорност, технологија и динамика ја прави работата предизвикувачка, но и многу мотивирачка – нагласува таа.
Во јавноста, често постои перцепција дека за работа во рудник е потребна исклучиво физичка сила, но таа вели дека во реалноста тоа е многу поедноставена слика.
– Голем дел од работата што некогаш се вршела мануелно, денес се изведува со помош на современа опрема и технологии. Сепак, човечкиот фактор останува клучен. Потребни се одговорни и дисциплинирани луѓе кои доследно ги почитуваат безбедносните правила и процедурите. Покрај тоа, важни се аналитичкото размислување, способноста за решавање проблеми и тимската работа. Ова е индустрија во која успехот зависи од координацијата и довербата меѓу луѓето. И секако, неопходна е подготвеност за учење и прифаќање нови технологии, бидејќи рударството денес постојано се развива – вели Станковска.

За крај, таа им порачува на младите жени кои размислуваат за кариера во рударската индустрија, да не се ограничуваат со стереотипи.
– Рударството денес нуди многу повеќе отколку што луѓето обично замислуваат. Тоа е индустрија каде што се употребуваат современи технологии, иновации и одржлив развој. Ако имате интерес за инженерство и сакате динамична и одговорна професија, ова е поле каде што можете да се развивате и да имате значајна улога. Сè повеќе жени веќе го прават тоа и јас сум убедена дека тој тренд ќе продолжи – вели.
Светлана БЛАЖЕВСКА












