Американскиот претседател Доналд Трамп денес се закани со нови напади врз Иран ако земјата веднаш не ги запре нападите на либанската милитантна група Хезболах врз Израел. Трамп напиша на својата социјална мрежа Truth Social дека Иран мора веднаш да ги спречи своите „високо платени“ посредници во Либан, како што изјави, да предизвикуваат проблеми.
„Ако не го сторат тоа, повторно ќе го удриме Иран многу силно, исто како што направивме минатата недела, само посилно“, рече Трамп.
Доналд Трамп рече дека САД би можеле да „ја преземат контролата“ врз Ормускиот теснец ако не се постигне договор со Иран, предупредувајќи ги иранските преговарачи кои се во Швајцарија, каде што се водат разговори за регионален договор и нуклеарна програма.
„Можеби ќе мора да го преземеме теснецот. Ако не постигнат договор, ќе наплатиме патарина“, изјави Трамп за „Фокс њуз“.
Тој додаде дека, според него, ѝ рекол на иранската страна дека затворањето на теснецот нема да биде во нивен интерес.
„Ако го затворите, повеќе нема да имате земја. Нема ни да се вратите во вашата земја“, рече Трамп, додавајќи дека САД би можеле да станат, како што рече, „ангел чувар“ на теснецот и дека во тој случај би контролирале 20 проценти од нафтата што минува низ оваа клучна поморска рута.
Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, денес изјави дека е постигнат „значаен напредок“ во преговорите за Блискиот Исток, вклучително и ситуацијата во Либан, како и разговорите меѓу САД и Иран. Венс, зборувајќи во Биргеншток, швајцарско планинско одморалиште каде што се водат преговори, рече дека САД се во „историски момент“ и дека разговорите, со посредство на претставници на Пакистан и Катар, имаат за цел „трансформација на Блискиот Исток“ и трајно подобрување на односите со Иран.
Американските и иранските преговарачи одржаа трилатерален состанок со катарските медијатори како дел од разговорите во Швајцарија, изјавија за Ројтерс официјални лица запознаени со ситуацијата, пренесе „Танјуг“.












