Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес во Анкара изјави дека САД ќе ѝ дадат на Украина лиценца за производство на системи за воздушна одбрана „Патриот“ за спротивставување на руските ракетни напади.
„Ќе им дадеме право да произведуваат системи „Патриот“. Ќе им покажеме како да го прават тоа. Мислам дека можат да ги произведат доста брзо“, рече Трамп на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на НАТО во Турција.
Ова е исклучително важна вест за Украина, бидејќи очајно ѝ се потребни системи „Патриот“ во војна што трае речиси четири и пол години.
Системите „Патриот“ се скапи и многу барани, а нивното производство трае долго. Зеленски со години бара испорака на повеќе од овие системи, а неодамна побара лиценца за да може Украина сама да ги произведува.
Тонот на Трамп на средбата со Зеленски беше различен од нивните претходни состаноци, кога имаше конфликти. Трамп денес ја пофали подготвеноста на Зеленски да постигне договор за прекин на војната во Украина.
Тој рече дека украинскиот претседател „врши неверојатна работа“ и е „многу ефикасен“ во војната.
„Всушност, развивме добри односи. Тешко е да се поверува“, рече Трамп.
Тој изрази увереност дека е на повидок договор за завршување на војната меѓу Русија и Украина, велејќи дека САД ќе „работат на некаков безбедносен пакет“ за Украина.
Трамп, од друга страна, не беше толку пријателски настроен кон некои од неговите други партнери од НАТО. Тој рече дека е незадоволен што западната воена алијанса се спротивставува на неговите напори да ја преземе контролата врз Гренланд, автономна територија на Данска, и дека не ја поддржува неговата војна против Иран, пренесува „Бета“.












