недела, ноември 8, 2026
Дома СВЕТ Трагедија кај Каиро: Во судир на два воза загинаа најмалку четири лица...

Трагедија кај Каиро: Во судир на два воза загинаа најмалку четири лица меѓу кои и машиновозачот, 120 се повредени

117

Најмалку четири лица загинаа, а 120 се повредени денес откако четири вагони од патнички воз излетаа од шините во близина на селото Герза, во египетската провинција Гиза, по судир со друг воз, недалеку од Каиро, јавуваат локалните медиуми.

Несреќата се случила во областа Ал-Ајат, по што на местото на настанот биле испратени 50 возила на брза помош, тимови за цивилна заштита и безбедносни сили, пренесува „Галф њуз“ (Gulf News).

Повредените се пренесени во блиските болници во гувернаторатот Бени Суеф, додека болниците во Гиза се ставени во состојба на подготвеност за прием на настраданите.

Според „Ал Арабија“, машиновозачот загинал во несреќата.

Министерството за здравство првично испрати 20 возила на брза помош на местото на настанот, но бројката беше зголемена на 50 откако стана јасно дека бројот на повредени ги надминува првичните проценки.

Некои египетски медиуми објавија дека се повредени повеќе од 150 лица.

На местото на настанот пристигнаа екипи за цивилна заштита, безбедносни сили и служби за итна медицинска помош, а ангажирани се и кранови за отстранување на вагоните што излетале од шините и за расчистување на пругата.

Египетското јавно обвинителство започна истрага за причините за несреќата и ѝ наложи на полицијата да ги спроведе потребните дејствија, вклучително и испрашување на сведоци и повредени патници.

Околностите под кои се случила несреќата сè уште се утврдуваат, а железничкиот сообраќај во регионот останува во прекин.

ИЗДВОЕНИ