Видео-анимација објавена на Фејсбук профилот на Славчо Попоски, а изготвена од д-р Владо Спиридонов, јасно ја покажува т.н. „топлотна купола“, односно моќен висински барички гребен – појас со висок воздушен притисок во повисоките слоеви на атмосферата. Воедно, се забележува и карактеристичен Ω – омега блокирачки образец, при што висинскиот гребен е сместен помеѓу две циклонски циркулации – една западно и една источно од него.
Овој атмосферски блокирачки механизам овозможува задржување и транспорт на многу топол воздух од Северна Африка, преку Средоземното Море, кон Балканот. Овој систем делува како „капак“ во атмосферата – воздухот се спушта (тоне), дополнително се загрева и го спречува развојот на облаци и врнежи, што резултира со продолжен период на екстремно високи температури.
Во Македонија во следните неколку дена се очекуваат максимални температури од 36 до 39°C, а во крајните југоисточни делови локално и до 40°C.
Од 1 јули се очекува постепено нарушување на овој блокирачки образец и слабеење на висинскиот барички гребен. Тоа ќе овозможи постепено попуштање на топлотниот бран, но истовремено и зголемување на веројатноста за појава на атмосферска нестабилност, локални грмежи, поројни врнежи, засилен ветер, град и временски непогоди.












