понеделник, септември 28, 2026
Дома СКОПСКА Тобоганите на игралиштето во Тафталиџе расклатени, детската игра во опасност

Тобоганите на игралиштето во Тафталиџе расклатени, детската игра во опасност

1

Граѓаните се жалат дека реквизитите на инклузивното детско игралиште кај Халк банка, пред Пожарната станица во населбата Тафталиџе, се расклатени и оти претставуваат опасност за децата, кои секојдневно си играат на нив. Тие бараат надлежните веднаш да реагираат бидејќи е во прашање безбедноста на најмалите.

– Добро е што се поставуваат детски игралишта, но тие треба да се одржуваат. Проблемот е во тоа што не се прави тоа редовно – сметаат граѓаните.

Од Општина Карпош, на чија територија се наоѓа игралиштето, известуваат дека ова детското игралиште, кое се наоѓа пред Пожарната станица, е поставено од Град Скопје и оттука обврската за одржување и за негова реконструкција е во негова надлежност.

– Познавајќи ја реалната состојба на игралиштето, Општина Карпош има испратено допис со ургенција за санација до Град Скопје. Очекуваме во брзо време надлежните служби да излезат на терен и да направат поправка на реквизитите и на урбаната опрема – одговорија од Општината.

Оттаму додаваат дека на своја територија имаат поставено 57 детски игралишта, кои редовно ги одржуваат и ги реконструираат по потреба.

– Сите сме сведоци дека урбаната опрема и детските игралишта често се цел на вандализам, па постојано апелираме до граѓаните за совесно и одговорно користење и однесување на јавниот простор, кој е заедничко јавно добро – наведуваат од Општина Карпош.

Цел на вандализам последно беше детското игралиште во Карпош 1, каде што неодамна беа оштетени повеќе детски реквизити, како и дел од другата урбана опрема.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ