Средбата која ќе се одржи денеска ја потврди премиерот Мицкоски кој рече дека сака да слушне за предизборните калкулации на Алијанса и потенцираше дека со министеротТаравари имаат секојдневна редовна комуникација како колеги во Владата. Претходно, од ВМРО ДПМНЕ изјавија дека не отстапуваат од изборното ветување дека ДУИ ќе биде во опозиција и оти доколку некој смета дека треба да соработува со нив, несомнено ќе биде во опозиција, дополнувајќи дека досега нема никаква официјална најава од Таравари дека ќе коалицира со нив, но и оти ако тоа се случи, ќе се смени и реалноста. Во меѓувреме не стивнуваат партиските реакции за заканите на Ахмети дека доколку поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани “ќе излезат на улица и никогаш повеќе нема да се вратат“.
Останува ли Арбен Таравари во Владата на Христијан Мицкоски или сепак ќе замине во прегратката на опозициската ДУИ ќе се знае денеска за кога е закажана средбата на која единствена тема ќе биде понатамошното функционирање на Алијанса во владината коaлициjа. Средбата ја потврди премиерот Мицкоски кој рече дека сака од прва рака да слушне за предизборните калкулации на Алијанса и потенцираше дека со министерот Таравари имаат секојдневна редовна комуникација како колеги во Владата.
„Таква средба ќе има неделава, ако не се лажам тоа ќе биде утре, но треба да го погледнам распоредот. И на таа средба јасно сакам да слушнам став кој и медиумите ќе го слушнат, дали е точно дека има договор меѓу партијата на Арбен Таравари и Демократската унија за интеграција дека во најмалку 5 или 6 општини каде тој ќе извади свои кандидати, а ДУИ нема да извади свои кандидати за градоначалници, што прво значи себе понижување како политичка партија, а второ дека тивко ќе го поддржува. Тоа за мене е неприфатливо како претседател на Владата “, изјави вчера премиерот Мицкоски.
Претходно, од ВМРО ДПМНЕ изјавија дека не отстапуваат од изборното ветување дека ДУИ ќе биде во опозиција и оти доколку некој смета дека треба да соработува со нив, несомнено ќе биде во опозиција, дополнувајќи дека досега нема никаква официјална најава од Таравари дека ќе коалицира со нив, но и оти ако тоа се случи, ќе се смени и реалноста.
Дека се поизвесно излегувањето на Алијанса од Владата покажа и однесувањето на довчерашните коалициони партнери од Вреди на официјалното започнување на градежните работи на автопатот Тетово – Гостивар. Имено, иако на исто место и во исто време се сретнаа Таравари со Изет Меџити и Билал Касами, не се поздравија ни куртоазно. Таравари му пружи рака на премиерот Мицкоски, но не и на бившите колеги. Симптоматично е тоа што ден претходно, во Слупчане, Таравари се поздрави со Али Ахмети.
Во пресрет на средбата меѓу Таравари и Мицкоски, од Вреди кои се веќе една партија ги објавија првичните кандидати за градоначалници – Билал Касами во Тетово, Висар Ганиу во Чаир, Фатмир Лимани во Кичево, Менди Ќира за Струга, а Висар Адеми за Гостивар.
Дополнително, во однос на јавните прозивки од страна на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, премиерот Мицкоски рече дека од тоа што го слушнал, извлекол два заклучока, односно му порача на Ахмети да гледа во иднината, а не во минатото и оти наместо да се заканува, тој би требало да направи структурни реформи – дел програмски, а дел кадровски.
Во меѓувреме не стивнуваат партиските реакции за заканите на Ахмети дека доколку поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани “ќе излезат на улица и никогаш повеќе нема да се вратат“. За Демокатски сојуз на Павле Трајанов тоа е мафијашка уцена и притисок врз обвинителството и судовите е невидена во Македонија и ги повикуваат надлежните да преземат решителна акција за спречување на безбедносно-политичка криза каква што има намера да предизвика ДУИ.
-ДУИ упорно одбива да прифати дека нејзините челници и поранешни државни функционери, кои неказнето ги кршеа законите сите изминати дваесетина години на власт, не се веќе недопирливи команданти на ОНА за кои не важи правдата. Ахмети е очигледно навикнат судиите и обвинителите кои лично ги поставуваше да работат под негов диктат и да штанцаат мерки за обезбедување, обвинителни акти и пресуди по негов терк. Токму затоа ДУИ реагираше и на одлуката за задржување во притвор на екс министерот Бектеши. Одлука донесена од судии кој тој ги поставуваше и им командуваше. Досега политичките шампиони на интегративците имаа навика да бегаат од правдата, како што е случајот со Артан Груби и Перпарим Бајрами, кои веќе неколку месеци се во бегство од органите на прогонот, се вели во соопштението на ДС. Оттаму посочуваат дека Ахмети лицемерно им се додворува и на семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, ветувајќи дека ќе им се приклучи во поддршката да стигнат до неселективна правда, но не ги поддржа семејствата на загинатите во модуларната болница во Тетово, трагично настраданите во несреќата на „Дурмо Турс“ кај Ласкарци или на оние на „Беса Транс“ во Бугарија. Во тие случаи, додаваат, правдата ја кроеше ДУИ и таа беше селективна.
Повик до Ахмети да не се крие зад националистичката реторика упати и Владата од каде ја отфрлаат реториката на закани и ултиматуми од првиот интегративец.
– Затскривањето зад национализмот е груба и безидејна злоупотреба на политички пензионираниот и поразен боксер кој и понатаму сонува за времето кога партнер му беше Заев, односно СДСМ, а страдаше државата. Ваква политичка шизофренија може само на ДУИ да и текне.
Ахмети, освен заканите доколку екс министерот за економија заврши на обвинителна клупа, порача уште и дека ако се чепне албанскиот јазик ДУИ ќе ги бојкотира локалните избори, кои според него, без ДУИ не можат да успеат, по што државата ќе биде во политичка криза која ќе мора да заврши со избори. Интегративците обвинуваат за политички притисоци врз Уставен суд и се сомневаат дека намерно се подготвува укинување на Законот за јазиците, веднаш по локалните избори на есен. Обвинуваат дека Судот “делува како параполитички продолжеток на актуелната власт“ и оценуваат дека укинувањето на одредби од законот би било напад врз сите постигнувања стекнати преку Охридскиот договор. Реакциите доаѓаат по изјавата на претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, дадена во телевизиско интервју каде што најави дека конечна одлука за оспорените одредби од Законот за употреба на јазиците ќе биде донесена по локалните избори.
Додека интегративците предупредуваат, политичките противници од Вреди возвраќаат – ДУИ е разочарана бидејќи им пропадна планот за дестабилизација преку Уставниот суд.
-ДУИ беше подготвена да го жртвува албанскиот јазик само за една ниска цел – да се врати на власт по секоја цена. Следните локални избори веќе не се само избори. Тие се РЕФЕРЕНДУМ за албанскиот јазик, за еднаквоста на Албанците во оваа држава и за конечно ставање печат на ДУИ како партија “нон грата“ и како „организација” на тесни лични интереси!, се вели во соопштението на Вреди.
На седница во декември минатата година, Уставен одлучи да одржи подготвителна седница за расправа по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците. Претставници на Венецијанската комисија и други експерти ќе бидат повикани на расправата околу оспорените одредби.