
Апокалиптични сцени се случуваат во Кина последниве денови, додека беснее тајфунот Делфин. Кинеските власти евакуираа повеќе од еден милион луѓе во источна Кина, вклучувајќи го и Шангај, откако стигна тајфунот до копното. Брзината на ветерот достигна 150 км/ч кога првпат го погоди Јухуан во покраината Џеџијанг, објавува Би-би-си.
Бурата патуваше долго растојание од околу шест илјади километри пред да стигне до копното, што укажува дека има животен век што е повеќе од трипати поголем од просечниот тајфун. Исто така, има огромна циркулација и интензивен капацитет на врнежи, според информациите од кинеската државна телевизија. Сообраќајот беше запрен низ целиот регион, а 1.400 лета беа откажани само во Шангај. Во крајбрежната провинција Фуџијан поморските власти суспендираа десетици патнички фериботски линии и запреа повеќе од 100 офшор градежни проекти.
Кинеските власти претходно издадоа највисоко ниво на црвена тревога за тајфунот, но до понеделникот изутрината го намалија на предупредување за тропска бура. Тајфунот се движи кон внатрешноста на Кина, а властите продолжуваат да предупредуваат за поројни дождови, ненадејни поплави и за ризик од лизгање на земјиштето до среда. Неколку државни медиуми објавија дека исчезнало деветгодишно момче од Венлинг, Жеџијанг, откако било однесено од морето. Кинеските власти не пријавија никакви жртви, а двајца мажи се приведени за ширење дезинформации на Интернет.











