Од денеска започна примената на механизмот за постапување со возачите на возила со странски регистарски таблички кај кои системот „Безбеден град“ регистрирал сообраќајни прекршоци на територијата на Македонија.
На Граничниот премин Табановце, при излез од државата, се идентификуваат возила чии прекршоци претходно биле евидентирани преку системот. На возачите им се соопштува дека сториле сообраќаен прекршок, по што им се издава записник и прекршочен платен налог, а казната можат да ја платат согласно законската постапка.
Од МВР информираат дека поголемиот број возила што денеска се појавуваат на Табановце се должи на тоа што ова е прв ден од примената на механизмот, при што се опфатени и прекршоците регистрирани во претходниот период.
МВР презема мерки за постапката да се одвива непречено и да се намали времето на задржување на патниците.
Со механизмот се воведува еднаков и неселективен пристап при санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без разлика дали возилото има домашни или странски регистарски таблички.
Системот „Безбеден град“ ќе продолжи да се имплементира, а неговата примена постепено треба да биде проширена и на останатите гранични премини во државата.












