– Филмот не може сам по себе да го промени општеството, ниту, пак, сметам дека треба да нуди едноставни одговори. Но, тој може да отвори непријатни прашања, кои честопати се обидуваме да ги потиснеме – смета српскиот филмски режисер, сценарист и автор на филмот „Три недели потоа“ Мирослав Терзиќ, кој го прогласи за отворено 11. издание на фестивалот „Киненова“. Остварувањето се занимава со длабоките лузни, вината и со соочувањето на младите по самоубиството на нивни соученик

Емотивната драма за врсничкото насилство и за тинејџерскиот суицид „Три недели потоа“ на Мирослав Терзиќ вчеравечер, во киното „Фросина“, го отвори 11. издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ во Скопје. Филмот се занимава со длабоките лузни, вината и со соочувањето на младите по самоубиството на нивни соученик. Ова остварување имаше светска премиера во главната натпреварувачка програма на 60. Филмски фестивал во Карлови Вари, каде што ја освои престижната награда „Еуропа синемас лејбл“, а беше прикажан и на Сараевскиот филмски фестивал.

Мирослав Терзиќ

Фестивалот беше прогласен за отворен од авторот на „Три недели потоа“, српскиот филмски режисер и сценарист, кој на македонски јазик рече: „Голема чест за мене е да го отворам фестивалот ‘Киненова’. Кога размислував на кој јазик да го отворам тоа, требаше да изгледа некако вака: Ви благодарам што ме поканивте на фестивалот, благодарам за поканата и ви посакувам добри филмови и убави разговори!“

Според Терзиќ, фестивалите како „Киненова“ се вистинското место каде што може филмот да поттикне вистински општествен дијалог.

– Киното и фестивалот се меѓу ретките места каде што група сосема различни луѓе заедно го доживуваат истото искуство, а потоа може да разговараат за него. Се разбира, филмот не може сам по себе да го промени општеството, ниту, пак, сметам дека треба да нуди едноставни одговори. Но, тој може да отвори непријатни прашања, кои честопати се обидуваме да ги потиснеме. За мене е важно да продолжи разговорот и откако ќе се вклучат светлата во салата – смета режисерот.

На свеченото отворање на 11. „Киненова“, на кое присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска- Трајкоска, актери, режисери, филмски работници и бројни љубители и почитувачи на филмската уметност, на годинашниот лауреат, турскиот режисер, сценарист, актер и историчар Емин Алпер, му беше врачена фестивалската награда „Златна грива“ за особен придонес во светската филмска уметност.

Емин Алпер со наградата

– Голема чест е да ја добијам оваа значајна награда од „Киненова“. Овој фестивал ја слави филмската уметност како универзален јазик и бара нови автори, нови гласови и нови начини на изразување надвор од мејнстримот. За мене, филмот отсекогаш бил начин да се разберат луѓето, нивните стравови, нивните желби и општествата во кои живееме. И верувам дека филмот е најдобар кога ни овозможува да го погледнеме светот од перспектива на друга личност – рече лауреатот Алпер.

Истакна дека филмската уметност не е само начин на раскажување приказни.

– Таа е, исто така, начин на преиспитување на светот во кој живееме. Во време кога омразата, национализмот, нетолеранцијата и политичката поларизација стануваат сè помоќни, верувам дека е поважно од кога било филмот да остане простор за сомнеж, имагинација и за емпатија. Тој не може да го промени светот, но може да нè натера да го гледаме светот поинаку. Може да им даде глас на оние што се игнорирани, да ги предизвика моќните и да нè потсети дека секогаш постои друг начин на гледање на работите – додаде турскиот режисер Алпер.

Пред присутните на отворањето на фестивалот се обрати и директорот на МФФ „Киненова“, Небојша Јовановиќ.

– Оваа година ве водиме во океанот на светската филмска продукција и ви ги откриваме најновите филмски приказни од различни меридијани. Селекцијата на филмови што ќе ја погледнете низ фестивалските денови е работена по три главни дијагонали. Како човек што верува во универзалноста на човековите права и во нивното еднакво почитување насекаде во светот, чувствував потреба да ги пронајдеме најсмелите, најбунтовни и најбескомпромисни авторски гласови во современата светска кинематографија. А како некој што е длабоко маѓепсан од синеастичната естетика и од нејзината моќ, не можев да го занемарам ниту она што го сметам за една од најсилните страни на филмот: способноста преку слика, светлина, звук и тишина да создаде искуство што не може да го понуди ниту еден друг уметнички медиум на ист начин – рече Јовановиќ, посочувајќи дека оваа година на фестивалот, кој се одржува под мотото „На прво светло!“, има најсилна селекција на филмови досега.

На бината се претставија и основците од Општината Кисела Вода, кои учествуваа на филмската работилница „Снимај паметно, остави трага“ под менторство на режисерката Марија Џиџева, а публиката имаше можност да ги поздрави и да ги погледне филмовите што ги изработиле.

Градоначалничката на Кисела Вода, Стаменкоска-Трајкоска, поздравувајќи ги присутните, посочи дека оваа работилница е пример како може да се трансформира филмот во моќна алатка за обединување, емпатија и за разбирање. Таа рече пред присутните дека, како професорка, градоначалничка и како мајка, сака да ја поддржи светлината на овие деца, да биде поголема „На прво светло!“.

Пред публиката се поклонија и членовите на меѓународното жири, кои ќе ги носат одлуките за наградите на ова фестивалско издание, во главната натпреварувачка програма. Притоа, годинашниот лауреат на „Киненова“, турскиот режисер и добитник на „Сребрената мечка“ Емин Алпер, како претседател, хрватската документаристка и професорка Александра Марковиќ и македонскиот филмски режисер, кој силно се докажа во светот на анимацијата, Гоце Цветановски, изразија задоволство што се дел од фестивалот и што ќе имаат можност да гледаат и да разговараат за одлични филмови.

ИЗДВОЕНИ