Деветнаесетгодишниот Саит Саитов од Скопје, кој беше баран со меѓународна потерница распишана од МВР на 12 јануари, денеска е екстрадиран од Србија во нашата земја, информира Министерството за внатрешни работи.
МВР објави дека на Саитов му е определена мерка притвор и дека е предаден во затворот „Скопје“ за натамошна постапка. Саитов е осомничен за сторени кривични дела „Против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“ откако на 9 јануари 2026 со автомобил усмрти жена во Капиштец.
По распишаната потерница од МВР, во февруари тој беше приведен во Белград по што следуваше постапка меѓу министерствата за правда на двете држави за негово екстрадирање во Македонија. На 9 јануари со автомобил „Фолксваген Пасат“ Саитов прегази жена во Капиштец, избега од местото и ја напушти државата.












