Еден од најекстремните моменти во животот на Неданоски е денот кога споил два подвизи што ретко кој би се осмелил и поединечно да ги направи: нуркање во пештерата Крштална и фри соло искачување на Камена Баба.

-Кога влегуваш во Крштална, знаеш дека нема враќање на половина пат. Водата е студена, темна, тивка… и длабоко во себе знаеш дека ако ја загубиш контролата – ќе загубиш сè. Таму учиш што значи вистински страв, но и како да го совладаш – изјави Дарко Неданоски.  А потоа искачување, без јаже, без заштита. Само тело, карпа и одлука. Оваа моќна приказна, преку документарниот филм  „Антипод“, беше прикажана и на хуманитарна проекција, што носи уште поголема тежина и значење. Настанот ѝ беше посветен на 10-годишната Ева, храбро девојче што се бори со агресивна форма на остеосарком, редок и тежок малиген рак на коските. Нејзината борба бара итен и долготраен третман, а поддршката од заедницата е од клучно значење

Дарко Неданоски не е само човек што се спушта во пештери, тој е и човек што доброволно влегува во темнина – таму каде што нема звук, светлина и сигурност – за да ги помести границите на човечката издржливост и за да се соочи со она што повеќето од нас никогаш не би се осмелиле да се соочат.

Како претседател на Спелеолошката федерација на Македонија, спасувач и истражувач, неговиот пат започнал во 2005 година, како младо момче што првпат влегло во пештера од љубопитност. Но, таа љубопитност многу брзо се претворила во зависност од длабочините, од тишината, од непознатото. Со години, чекор по чекор, метар по метар, Неданоски одел подалеку од сите граници. Во 2016 година се спуштил на 844 метри. Само една година подоцна, го надминал и тоа – 950 метри, четири дена без сонце, без време, без чувство за надворешниот свет. Само темнина, само тишина, само тој и неговите мисли. Но, и тоа не било доволно. Во 2022 година, на експедицијата SKALAR во Словенија, отишол уште подлабоко – повеќе од 1.200 метри под земја. Длабочина каде што секој здив тежи, секое движење е ризик, а секоја грешка може да биде последна. Таму, во срцето на земјата, човекот останува сам со себе, без маски, без улоги, без бегање.

МН: ВО ТЕМНИНАТА СЕ ГЛЕДАШ НАЈЈАСНО

Еден од најекстремните моменти во животот на Неданоски е денот кога споил два подвизи што ретко кој би се осмелил и поединечно да ги направи: нуркање во пештерата Крштална и фри соло искачување на Камена Баба.

– Кога влегуваш во Крштална, знаеш дека нема враќање на половина пат. Водата е студена, темна, тивка… и длабоко во себе знаеш дека ако ја загубиш контролата, ќе загубиш сè. Таму учиш што значи вистински страв, но и како да го совладаш – изјави тој.

А потоа искачување, без јаже, без заштита. Само тело, карпа и одлука.

– Фри соло не ти проштава ништо. Нема втора шанса. Таму си ти – и последиците од секој потег. Но, токму таму се чувствувам најжив. Не од адреналинот туку од вистината дека сум целосно присутен – истакна Неданоски.

Тој ги направил овие два подвизи во еден ден.

А за тоа зошто направил два подвизи во ист ден, тој вели: „Не планирав. Тоа беше момент кога сè се совпадна: условите, внатрешната сила, потребата да одам подалеку. Понекогаш животот ти дава таков момент. И ако го пропуштиш, ќе те прогонува“.

 

МН: ПОДВИЗИ ШТО НЕ СЕ МЕРАТ СО МЕТРИ

И покрај сите рекорди, Неданоски не зборува за бројки, туку за искуство.

– Можеш да измериш длабочина, но не можеш да измериш што ти се случува внатре. Секоја експедиција те менува. Секоја темнина ти открива нешто ново – опишува Неданоски.

Тој живее во Прилеп и повеќе од две децении е во спелеологијата.

– Почнав како дете. Останав затоа што таму се најдов себеси. Спелеологијата не е спорт – тоа е начин да се соочиш со сопствените граници – смета тој.

 

Но, најсилниот момент од оваа приказна не е во пештерите, туку надвор од нив.

Приказната за Дарко Неданоски не е само приказна за рекордите и длабочините. Таа добива и своја уметничка димензија преку документарниот филм „Антипод“ во режија на Бојан Секулоски, каде што токму Неданоски е во центарот на нарацијата. Филмот не е класична документарна форма – тој е визуелно и емотивно патување низ темнината, но и низ човечката психа.

„Антипод“ ја користи пештерата како симбол на внатрешниот свет на човекот – место на тишина, страв, но и на откривање. Според Недановски, преку автентични сцени од подземните експедиции и приказната за него, гледачот се соочува со прашања за границите на издржливоста, смислата на истражувањето и вечната човечка потреба да се оди подалеку од познатото.

– Филмот ја доловува и филозофијата на спелеологијата, дека вистинските откритија не се само географски туку и длабоко лични – наведува Неданоски.

Оваа моќна приказна, преку документарниот филм, беше прикажана и на хуманитарна проекција, што носи уште поголема тежина и значење. Настанот ѝ беше посветен на 10-годишната Ева, храбро девојче што се бори со агресивна форма на остеосарком, редок и тежок малиген рак на коските. Нејзината борба бара итен и долготраен третман, а поддршката од заедницата е од клучно значење.

– Хуманитарната проекција на „Антипод“ е повик за солидарност – можност преку уметноста да се помогне таму каде што е најпотребно. Секој купен билет не е само влез за филм туку и придонес за надежта, лекувањето и иднината на едно дете – смета Неданоски.

Приказната за Дарко Неданоски, пренесена преку „Антипод“, чија прва проекција беше на 11 февруари годинава, во киното „Фросина“, така добива уште една димензија – од длабочините на земјата до длабочините на човечноста. Односно, токму тука се спојува приказната за длабочините со приказната за животот.

– Сите овие подвизи немаат значење ако не можеш да му помогнеш некому. Ако моето спуштање во темнината може да му донесе светлина некому, тогаш тоа е вистинската победа – нагласува Неданоски.

Тој додава дека хуманитарната проекција не е само филм туку и повик, шанса.

– Секој билет е чекор. Секој чекор е надеж. А понекогаш надежта е сè што имаме – заклучи Неданоски.

(А. П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ