петок, ноември 20, 2026
Дома СПОРТ РАКОМЕТ „Сопственикот“ на Е.Пелистер удри по своите ракометари: Срам да ви е на...

„Сопственикот“ на Е.Пелистер удри по своите ракометари: Срам да ви е на сите, фала што нѐ посрамотивте!

0

Поразот на македонскиот ракометен вицешампион, Еурофарм Пелистер  од Алкалоид (28:30) во домашниот шампионат предизвика бурна реакција во редовите на клубот. Незадоволството од прикажаното на битолчани во салата во „Автокоманда“ јавно го искажа и потпретседателот на клубот, Бојан Стерјев, кој преку објава на друштвените мрежи упати остри критики до играчите и стручниот штаб.

Стерјев, кој е веројатно најзаслужен и за вложувањето на семејната компанија во битолскиот тим, не го криеше разочарувањето од резултатот и настапот на тимот, испраќајќи порака во која јасно стави до знаење дека ваквото издание е неприфатливо за клуб со амбиции и реноме на Пелистер.

„Сѐ е обезбедено, за вака да не брукате! Срам да ви е на сите играчи и тренери! Фала што нѐ избрукавте!“, напиша Стерјев.

Пелистер пред два дена на домашен терен го победи бундеслигашот Гумерсбах, во рамките на Европската лига, но уште во првата половина од сезоната ги губи шансите за титулата во домашното првенство. Не успеа да победи на ниедно дерби, ремизираше со Охрид, загуби од Вардар, а сега и од Алкалоид и веќе има пет бода негатива во однос на актуелниот шампион. Не му оди ни во Европската лига каде води тешка битка за второто место, но потребно му се две победи во последните две кола за да ја оствари целта.

Според искусниот стратег Лино Червар, екипата на Пелистер немала доволно свежина, а тоа особено се почувствувало кај лидерите, од кои се очекува да го повлечат тимот во тешките моменти. Посебно го истакна голманот Никола Митревски, кој се обидувал да ги одржи во игра и да ги мотивира соиграчите.

„Не бевме одморени, немавме доволно време за тоа. Имавме тежок натпревар пред два дена, имаше еуфорија, малку славење и веднаш нов тежок натпревар. Немавме доволно свежина во играта и тоа се забележуваше особено кај лидерите во екипата. А знаете како е, иако колективот ја носи победата, сепак во колективот мора да имате играчи што ќе повлечат и целиот тим гледа во нив.

Па кога нема да оди, тогаш не му оди на целиот тим. Вечерва бевме Никола (Митревски) против сите. Тој одржуваше, мотивираше, но немавме доволно свежина. Овој ритам е многу тешко да се издржи“, изјави Лино Червар по натпреварот.

Најдобар стрелец на мечот беше Никола Костески со седум гола, пред Игор Ѓорѓиев и Нејц Цехте со по четири постигнати гола. Одличен на голот на Алкалоид беше Марко Кизиќ со десет одбрани. Кај Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски даде седум гола, Рудолф Хакбарт додаде пет, а Никола Митревски забележа 11 одбрани.

За вицешампионот нема многу време за анализа и одмор, затоа што во следната седмица ги чека дуели со Гдањск во Европската лига и Охрид во домашниот шампионат.

ИЗДВОЕНИ