понеделник, јуни 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Со новиот закон органи ќе можат да се донираат со изјава на...

Со новиот закон органи ќе можат да се донираат со изјава на матичен лекар

Се проширува кругот на живи донори

208

Министерството за здравство го објави  предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело, со кој се олеснува процесот на дарување на органи и се зголемува заштитата на правата на пациентите.

Со новите одредби, секој полнолетен граѓанин може доброволно да изрази согласност за донорство, било кај својот избран лекар или преку мобилна апликација „Мое здравје“. Истиот систем овозможува и повлекување на согласноста во секое време, преку нотарска изјава. Националната листа на донори ќе се води во „Националниот систем за електронски евиденции во здравството“.

Една од најважните промени е дека семејството на починатото лице не може да го спречи донорството, доколку лицето пред смртта изречно дало согласност. Ова ќе ги зголеми шансите за пациенти кои чекаат орган за трансплантација и ќе ја намали зависноста од одлуките на роднините.

Дополнително, се проширува кругот на можни живи донори на органи, вклучувајќи роднини до четврти степен, со контрола од Етичката комисија за да се осигура доброволност и отсуство на принуда. Комисијата за утврдување на мозочна смрт сега ќе се формира и верификува електронски од Националниот координатор, што ја забрзува процедурaта и ја намалува зависноста од административни пречки.

Со олеснети правила за увоз на ткива и електронско евидентирање, новиот закон ја дигитализира и поефикасно ја организира трансплантациската мрежа во земјата, зголемувајќи ја сигурноста и транспарентноста на процесот.

Министерот за здравство, Ази Алиу, вели дека од досегашната примена на законот произлегла потреба да се направат измени и дополнувања во насока на проширување на кругот на лица кои можат да бидат живи дарители на органи, олеснување и измена на административните постапки и овозможување секој граѓанин со изјава кај својот матичен лекар да се определи за потенцијален донор на органи по смртта.

„Ова е уште еден чекор во насока на подигнување на јавната свесност за значењето на органдонорството, како највисок акт на човекољубие со кој се спасуваат човечки животи. Целта е волјата на граѓанинот да биде примарна, системот да биде потранспарентен и подоверлив, а личната одлука да се врати таму каде што ѝ е местото – кај самиот човек“, вели Алиу. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ