петок, октомври 9, 2026
Дома МАГАЗИН Славниот готвач Стево Карапанџа на „Дипломатско котле“ во етнокампот „Езеро Младост“ –...

Славниот готвач Стево Карапанџа на „Дипломатско котле“ во етнокампот „Езеро Младост“ – Овој празничен викенд

1

Градот Велес и нашата Македонија овој празничен викенд навистина ќе изобилуваат не само со добра музика, вино, познатата пита велешка долга 4,40 метри туку и со учесници од светската кујна, насловено како „Don’t worry, be Veles“. Со тоа убавиот Велес на Вардар ќе биде центар на гастрономијата, каде што сите што ќе дојдат ќе може да уживаат во кулинарските специјалитети на многу познати готвачи и од дома и од странство.

Тоа се 15-мина шефови на гастрономијата, кои ќе бидат дел и од интернационалното жири што ќе ги оценува натпреварувачите. Меѓу нив се: Уве Мишел, Драгица Лукин, Изток Легат, Дон Давид, Доменико Маџи, Томаж Возељ, Ѓорѓе Костиќ, Георге Дамјаноу, Вуко Митровиќ, Ерих Главица, Емрах Коксел, нашиот шеф Љупчо Гиевски и директорот на ССОУ „Коле Неделковски“, Горан Богоевски, како и оној што беше најпознат и најпопуларен на просторите на поранешна Југославија, славниот Стево Карапанџа.  Затоа со особено внимание ќе продолжи гастрономската велешка приказна со Карапанџа и со другите во етнокампот „Езеро Младост“, каде што ќе се одржи ексклузивното „Дипломатско котле“. Ова ќе биде вистински пикник, каде што ќе се подготвуваат специфични јадења карактеристични и за Велес и за Македонија, но и за земјите од каде што ни доаѓаат готвачите.  Веќе наредниот ден, (13 октомври), во соработка со „Гастромак”, во ССОУ „Коле Неделковски“ ќе се одржат предавања и мастер-класови за учениците. Идните велешки готвачи и келнери ќе имаат можност директно да учат од искусните гастрономски професионалци, судии на ВАКС и еминентни имиња од кулинарскиот свет.

Преку нивните искуства, стручни совети и практични демонстрации, тие ќе добијат нови сознанија за професијата и ќе ги препознаат можностите што ги нуди таа. Организатори на настаните се Општина Велес, ССОУ „Коле Неделковски“ и „Гастромак“.     (Д. М.) фото:архива

 

 

ИЗДВОЕНИ