Збирката „Ништо нормално“ содржи дваесетина раскази во чиј фокус е малиот човек, неговите лица, маски, преобразби, но и желби, стравови, (не)сигурност… – Малиот човек, всушност, се соочува со сите предизвици што ги носи животот, од најинтимните лични борби до пошироките општествени притисоци. Тоа се и видливи и невидливи конфликти, кои често се одвиваат тивко, внатре во нас. Нè болат несигурноста, стравот од иднината, но и чувството на немоќ пред системите што нè надминуваат. Во исто време, тука се и желбите, надежите и потребата за смисла и припадност. Токму во тие пукнатини меѓу личното и колективното се раѓаат приказните во збирката – вели за весникот ВЕЧЕР писателката Симона Јованоска за своето ново дело, чија промоција ќе се одржи на 2 април, во Галеријата на МКЦ

„Ништо нормално“ e збирката раскази од Симона Јованоска, која неодамна излезе од печат, во издание на издавачката куќа „Или-или“, а чија промоција ќе се одржи на 2 април со почеток во 20:00 часот, во Галеријата на МКЦ, под модераторство на Иван Шопов. Со новата збирка, Јованоска повторно им се враќа на расказите, жанр кој одлично го владее и за кој има добиено награди, а по објавата на два романи и една книга за деца.

Збирката содржи дваесетина раскази во чиј фокус е малиот човек, неговите лица, маски, преобразби, но и желби, стравови, (не)сигурност… Со ширината на имагинацијата за градење нови светови, преку вешто изградените впечатливи ликови, ситуации и приказни, овие раскази многу умешно пипкаат секаде каде што нè боли, и како поединци и како општество.

– Малиот човек, всушност, се соочува со сите предизвици што ги носи животот, од најинтимните лични борби до пошироките општествени притисоци. Тоа се и видливи и невидливи конфликти, кои често се одвиваат тивко, внатре во нас – вели во разговор за весникот ВЕЧЕР писателката Симона Јованоска за својата нова книга.

Прашана, пак, што, всушност, нè боли најмногу и со кои проблеми секојдневно се соочува малиот човек, таа вели, нè болат несигурноста, стравот од иднината, но и чувството на немоќ пред системите што нè надминуваат.

– Во исто време, тука се и желбите, надежите и потребата за смисла и припадност. Токму во тие пукнатини меѓу личното и колективното се раѓаат приказните во збирката – додава Јованоска.

Во расказите на книгата именувана како „Ништо нормално“ авторката го испитува и значењето на зборот „нормално“. Во време кога не се знае што е нормално, а се чини дека ништо не е нормално, Јованоска вели дека насловот ѝ дошол сосема спонтано.

– Речиси сам од себе и веднаш почувствував дека е вистинскиот. Се консултирав со неколку блиски луѓе, кои без двоумење ми дадоа зелено светло. Обично процесот на наоѓање наслов кај мене трае подолго, па затоа бев особено среќна што овој се појави толку рано. Мислам дека многу точно го отсликува духот на времето во кое живееме, кога постојано се поместуваат границите на „нормалното“. Позитивните реакции што ги добивам за насловот само ми потврдуваат дека сум направила добар избор – додава таа.

Инаку, Јованоска во 2015 година ја објави дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“, исто така во издание на „Или-или“. Во 2019 година ја доби втората награда на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“, за расказот „Последниот кат“, а во 2022 година беше првонаградена за расказот „Кажи му на кучето“.

Истакнува дека иницијалниот поттик за објавувањето на нејзината втора збирка раскази „Ништо нормално“ дошол од издавачот Ненад Стевовиќ.

– Самата веќе имав напишано неколку раскази, но имав и бројни идеи што сакав да ги обликувам во оваа книжевна форма. Расказот отсекогаш ми бил близок како жанр, токму поради неговата динамичност и потребата од прецизност и концизност. Во исто време, тој бара и силна, бујна фантазија, што, за мене, претставува особен предизвик и задоволство. Оваа збирка дојде некако природно, како резултат на моето авторско созревање. Се роди во една специфична и трансформативна година, што дополнително ја обликуваше атмосферата на збирката – вели авторката.

Јованоска (р. 1985, во Гостивар) од 2024 е член на Друштвото на писателите на Македонија, а неодамна беше претседателка на комисијата што одлучуваше за наградата за најдобра книга за деца и млади „Ванчо Николески“ на ДПМ за 2025 година, каде што за победник беше прогласена „Илина и тајните на Бабин Заб“ на Хана Корнети, а во финалето беа и „Тринаесеттиот“ на Лидија Димковска и „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски.

– Во конкуренцијата имаше навистина разновидни книги и сликовници, и во проза и во поезија, што покажува дека постои продукција што се обраќа до различни читатели. Задоволна сум од потесниот избор, особено од едногласноста околу делата што влегоа во финалето. Сметам дека изборот на победникот беше оправдан и квалитетен. Сепак, како и во секоја област, и литературата за деца има простор за понатамошен развој и унапредување. Важно е да се продолжи со вложувањето во квалитетот и оригиналноста – вели Јованоска, оценувајќи го изборот во најновата продукција книги за деца.

Таа стана позната за пошироката книжевна јавност по свовјот дебитантски роман „Денот на црвот“ („Или-или“), прогласен за „Роман на годината“ за 2021 година од Фондацијата „Славко Јаневски“, кој е преведен и на бугарски, српски и на хрватски јазик. Во 2022, во издание на „Чудна шума“, ја објави книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“, а во 2024 година излезе и нејзиниот втор роман, „Леска Брезоска“ („Или-или“). (Н. И. Т.)

Фото: Студио Cineaste

ИЗДВОЕНИ