понеделник, октомври 12, 2026
Дома СВЕТ Шеесетгодишен маж стои зад планот за атентат врз Туск? Бил многу активен...

Шеесетгодишен маж стои зад планот за атентат врз Туск? Бил многу активен во радикални групи

1
ЕPA/Radek Pietruszka POLAND OUT

Шеесетгодишен маж е уапсен под сомнение дека се заканувал и планирал напад врз полскиот премиер Доналд Туск и врз вицепремиерот и министер за одбрана Владислав Кошњак-Камиш; мажот бил многу активен во радикални групи, изјави денеска министерот за внатрешни работи и администрација, Марчин Кервињски.

Кервињски за јавниот сервис „ТВП Инфо“ изјави дека мажот наводно припаѓал на „високо радикални“ групи кои промовираат екстремни ставови, користат говор на омраза и поттикнуваат насилство и омраза во јавниот живот, како и дека преку интернет стапил во контакт со истомисленици, пренесува Полското радио.

Кервињски одби да шпекулира дали мажот имал политички мотив, наведувајќи дека тоа ќе мора да почека додека полицијата не ја заврши својата работа.

Тој додаде дека истражителите сè уште ги проверуваат контактите и онлајн активностите на приведениот, како и дека понатамошните одлуки ќе зависат од нивните наоди.

Според извештаите на полските медиуми, надлежните органи добиле информација за можен напад во текот на ноќта меѓу саботата и неделата.

Како што пренесе „Полсат њуз“ (Polsat News), дојавата се однесувала на планиран напад со огнено оружје врз високи државни функционери, во кој наводно била вклучена радикална организација што барала поединци подготвени да го извршат нападот.

„ТВН24“ (TVN24) објави дека лицето што ја поднело пријавата изјавило оти разговарало со маж по име Кшиштоф за оружје, омраза кон владата и планирано масовно убиство.

Информацијата за потенцијалната закана била добиена околу 7:00 часот наутро; првично ја примила Државната служба за заштита, по што случајот бил препратен до полицијата.

ИЗДВОЕНИ