Шеесет и шестгодишен кумановец почина на Клиниката за инфективни болести во Скопје од западнонилска треска, објави директорот Фадил Цана. Пациентот бил со коморбидитети, односно имал и други болести. Директорот Цана изјави дека 66-годишниот пациент бил 28 дена хоспитализиран на оваа клиника и бил со потешка клиничка слика.
Цана информираше дека досега биле хоспитализирани 66 пациенти, сега во моментов 11 се на Инфективна, од кои едно лице е во потешка состојба. Последен прием на лице со западнонилска треска на Инфективна е од 19 септември, односно овој викенд.
Последниот е деветти смртен случај на западнонилска треска во државава, а сите починати досега се мажи. На подрачјето на делови од Скопје и натаму е состојба на епидемија од вирусот кој го пренесува тигрестиот комарец.(П.А.)












