вторник, октомври 13, 2026
Дома МАГАЗИН Селма Блер приведена по сериозен испад на лет за Њујорк: Гризела и...

Селма Блер приведена по сериозен испад на лет за Њујорк: Гризела и удирала членови на екипажот, си ја удирала главата – се вклучи и ФБИ

168
EPA/NINA PROMMER

Американската актерка Селма Блер беше приведена по инцидент на лет на компанијата „Делта“, кој пристигна во Њујорк од Лос Анџелес во неделата, 11 октомври. Според порталот TMZ, актерката наводно удрила еден член на кабинскиот екипаж и каснала друг за време на летот. Околностите на настанот ги истражува Федералното биро за истраги (ФБИ).

Управата на пристаништето на Њујорк и Њу Џерси соопшти дека двајца членови на екипажот пријавиле повреди, а еден од нив бил пренесен во болница. Според TMZ, и Блер била однесена во болница на преглед откако била приведена.

Нејзиниот претставник изјави дека актерката имала здравствени проблеми пред инцидентот и добила медицинска помош веднаш по слетувањето. Тој додаде дека таа сега е во стабилна состојба.

Од „Делта“ изјавија дека не толерираат насилно или незаконско однесување во нивните авиони. Инцидентот не го нарушил распоредот на летот – авионот пристигнал во Њујорк пред предвиденото време – а надлежните служби интервенирале по слетувањето.

Во аудио-снимка од комуникацијата на службите за итни случаи се спомнуваат повреди кај член на екипажот и кај патник, вклучувајќи крварење од носот и траги од каснување. Во подоцнежна комуникација се наведува дека патничката што го предизвикала инцидентот си ја удирала главата од внатрешниот ѕид на авионот. ФБИ потврди дека истражува можен напад за време на летот, кој пристигнал на аеродромот „Џон Ф. Кенеди“, но одби да даде дополнителни детали бидејќи истрагата е во тек. Блер, која во 2018 година објави дека боледува од мултиплекс склероза, треба да присуствува на конвенцијата „90s Con“ во Хартфорд, од 16 до 18 октомври. На 11 октомври, таа објави фотографии на социјалните мрежи со своето куче-помагач, Скаут, наведувајќи дека патувале од Лос Анџелес до Њу Мексико, се вратиле во Лос Анџелес, а потоа тргнале кон Њујорк.

Актерката и претходно имала сличен инцидент; во 2016 година, таа била отстранета од меѓународен лет што пристигнувал во Лос Анџелес од Канкун, откако доживеала испад за време на патувањето. Подоцна таа објасни дека измешала алкохол со лекови – што довело до губење контрола врз однесувањето – и јавно се извини. Во тоа време, на летот ја придружуваа нејзиниот син Артур, кој сега има 15 години, и неговиот татко, Џејсон Блејк.

ИЗДВОЕНИ