четврток, јули 9, 2026
Дома LIFE Секој со свои црвени линии – каде заглави националното единство? – Мицкоски...

Секој со свои црвени линии – каде заглави националното единство? – Мицкоски и Филипче на спротивни позиции, аналитичарите не веруваат во обединување

190

Може ли власта и опозицијата да седнат на маса и да се обединат за националните прашања? Се чини дека она што се црвени линии за едните, за другите не се, така што, веројатно, и повиците за заеднички платформа нема да се случат во блиска иднина, велат аналитичарите. Премиерот Мицкоски, во говорот на свечената академија по повод Денот на сесловенските просветители, одржана во црквата „Света Софија“ во Охрид, истакна дека направил сè за да подаде рака кон опозицијата за да се обединат, но дека таа ја испуштила секоја шанса. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пак, смета дека повиците се лажни и лицемерни и дека ВМРО нема желба да се обедини околу ништо.

Ваквите ставови и изјави на партиските лидери ја водат државата до целосно блокирани евроинтеграции, смета политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски. Неговиот колега, Синиша Пекевски, не е оптимист дека некогаш ќе донесат заеднички став по која било основа.

Синиша Пекевски

– Во политиката не постои ова е конечно или ова е за последен пат, така што зборовите за премиерот не треба да се земат како крајно решение. Иако во Македонија политичарите се екстремно суетни и не сакаат да попуштаат, водејќи се само од сопствениот интерес, а не од интересот на државата, реално не очекувам да седнат на маса и се договорат за каков било заеднички настап и стратегија за националните интереси. Политичарите го ставаат сопствениот интерес пред државниот и затоа сме таму кај што сме ние, на дното – изјави Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Атанасовски вели дека формулата за да се постигне национален консензус не е тајна, туку е позната на сите политички чинители. Таа е едноставна: здраворазумски да седнат на политичка маса, да ги тргнат настрана своите дневнопартиски калкулации и да не ги злоупотребуваат националните прашања за предизборни цели.

Благојче Атанасовски

– Моменталната состојба води до целосно блокирани евроинтеграции. Таквата состојба, освен што ќе ја направи Македонија најбесперспективна земја на Балканот, ќе го забрза иселувањето; ќе има дополнително намалување на животниот стандард, ќе доведе и до социјални и, веројатно, меѓуетнички конфликти, кои може да предизвикаат етничка дисолуција на земјата. Нашите политички елити, во овие 35 години независност, не покажаа ниту грам државотворност кога станува збор за заштитата на нашите национални и државни интереси и постигнувањето внатрешен консензус во однос на сите витални надворешнополитички прашања – вели Атанасовски за весникот ВЕЧЕР.

Премиерот Мицкоски порача од Охрид дека нема постојано да чека опозицијата да се одоброволи за да делуваат заедно за националните интереси.

– Затоа јас повикувам на народно и интелектуално обединување на државата. Тоа што некои се претседатели на политички партии во опозицијата и ја имаат таа улога, не значи и дека се лидери на оној дел од народот што сè уште го дава својот глас и поддршка на тие луѓе. Одбивајќи да се обединиме за националните прашања, тие се осудени на пропаст. Стануваат маргинални служители на туѓите интереси. Затоа вистинско обединување е народното. Затоа повикувам да се обединиме сите кругови во општеството и да си подадеме рака. Ова е последната шанса за Македонија. Мораме да ја искористиме. Ќе разговарам со секого, ќе го мотивирам секој што сака да помогне и да се вклучи во процесот на Македонија, која забрзува и оди напред. Одбирам да се борам и да работам за нашата иднина – порача Мицкоски од древниот Охрид.

Тој додаде дека не го разбира однесувањето на опозицијата.

– Можам да ги разберам, иако не ги оправдувам, позициите на Бугарија. Но не можам да ги разберам, ниту оправдам, домашните политичари што делуваат како специјални пратеници на премиерот на соседната држава. Тоа што го зборува тој, тоа го зборуваат и домашните политичари и нивните претставници. Поразително. Тоа нè поразува и како нација – истакна Мицкоски, потенцирајќи дека иако се соочува државата со сериозна и неправедна блокада во интегративните процеси, сепак мора да влезе во ЕУ, но притоа мора да се зачува достоинството, а концептот на обединување мора да се постигне на здрава основа.

– И да кажам дека нема пари, нема моќ и нема причина поради која би го предал мојот народ или би направил нешто, што било, на негова штета – рече тој.

Повик за обединување околу државните и националните интереси премиерот испрати и минатата недела, на прославата на 150 години од Разловечкото востание. И оттаму порача дека ниту една политичка разлика и лична амбиција не смее да биде поголема од државата. Рече дека Македонија најмногу страдала кога однатре имало луѓе подготвени, за личен интерес, да ја наведнат државата.

– Народот мора да биде внимателен кому му ја доверува иднината. Да не им верува на оние што лесно се нудат за власт, а никогаш не покажале подготвеност да се жртвуваат за татковината. На оние што зборуваат пред народот за патриотизам, а зад затворени врати им даваат подароци и отстапки на оние што не ѝ мислат добро на државата – рече Мицкоски.

Неговата парала тогаш беше дека историјата нè научила дека државата не се губи одеднаш, туку чекор по чекор.

– Затоа денес нашата обврска е да бидеме мудри, да бидеме будни и да не дозволиме никој повторно да ја продава како евтина политичка монета – рече тогаш Мицкоски.

Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, одговара дека Мицкоски продава приказна дека е голем патриот, дека тој се бори за некакви замислени национални интереси. Нагласи дека за него и за СДСМ национално обединување значи заштита на идентитетските одредници и продолжување на европските интеграции, додавајќи дека уставните измени не претставуваат никаков ризик. Филипче смета дека повиците се лажни и лицемерни и дека ВМРО нема желба да се обедини околу ништо.

– Прашајте го премиерот што значи за него национално обединување. Јас неколку пати сум кажал што значи за мене и за партијата. Дека нема преговори за идентитетските одредници и дека уставните измени не се никаков ризик и треба да се направат час поскоро. Да потсетам на една изјава на Христијан: „Ќе ги оставиме да ги прават следните генерации“, значи човекот е свесен дека мора да се направат, само не сака да ги направи тој – рече Филипче.

Притоа, Филипче предупреди дека Европската Унија нема бесконечно да чека државата да донесе одлука.

– Да не си мисли Владата дека цело време ќе биде отворена вратата на ЕУ и нас ќе нè чекаат, кога ние ќе одлучиме, па ќе влегуваме во Европската Унија. Тоа е организиран процес, не е така. Ако првпат се отвора по 15-16 години, дајте да не го испуштиме ова. Нема може да опстане државата. Очигледно е дека геополитичката ситуација во светот го наметна проширувањето како еден од приоритетите на Европската Унија и со примерот на Црна Гора, тие веќе го покажуваат тоа. Изјавата на Мерц е уште една изјава во прилог на тоа дека навистина има волја, има потреба, и економска и безбедносна, на самата Европска Унија. Да не зборувам за бенефитите за земјава и за граѓаните што живеат тука – рече Филипче.

Воедно, Филипче нагласи дека условите за почеток на преговорите веќе се познати и дека е потребно само политичко единство за нивно исполнување.

– Тоа што треба да го направиме ние за да не го испуштиме овој воз е веќе на маса. И ние може да се обединиме само за тоа што треба да се направи за да ги почнеме преговорите со ЕУ, односно да ги отвориме поглавјата. Сè друго е само изговор – рече Филипче.

Повици за црвени линии и национални единства имаше и во минатото. Минатата година, социјалдемократите предлагаа натпартиска и надетничка платформа за надминување на блокадата на Бугарија во рамките на евроинтегративниот процес и беше испратен до сите партии. Меѓутоа, Филипче неодамна изјави дека „документот не бил разгледуван од ниту една партија и не добиле одговор од никого“. Претходно, Максим Димитриевски, лидерот на коалицискиот партнер во Владата – движењето ЗНАМ, предложи национална платформа за македонско национално единство и црвени линии. Тој тогаш рече дека целта на платформата содржана во деветте точки е да ги обедини сите политички фактори за да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Македонија за остварување на стратешката цел: полноправното членство во ЕУ.  (Е. А.)

ИЗДВОЕНИ