Поранешниот втор тенисер во светот, Алекс Кореча, даде големо интервју пред почетокот на Ролан Гарос и призна дека Шпанија е во шок поради повредата на Карлос Алкарас, кој нема да ја брани титулата во Париз.

  • Отсуството на Карлос предизвикува огромна тага. Со години го имавме Рафа, а потоа дојде Алкарас, кој повторно ја врати магијата кај шпанските навивачи – изјави Кореча.

Тој призна дека неизвесноста околу враќањето на Алкарас дополнително ја зголемува загриженоста.

  • Се прашуваме кога повторно ќе го видиме на теренот. Ролан Гарос без Карлос е многу чуден – додаде легендарниот Шпанец.

Според Кореча, главен фаворит за титулата сега е Јаник Синер, кој игра неверојатен тенис во последните месеци.

  • Апсолутно сум импресиониран од Јаник. Тој е во зоната. Не го интересираат рекорди, бројки или што зборуваат луѓето. Фокусиран е само на себе и затоа е речиси непобедлив – рече Кореча.

Тој особено ги пофали настапите на Италијанецот во Монте Карло, Мадрид и во Рим, каде што покажа доминација и на земјена подлога.

  • Она што го прави е нереално. Мислам дека само физичката и менталната исцрпеност може да го спречат да го освои Ролан Гарос – истакна Кореча.

Сепак, тој предупреди дека никој не смее да го отпише Новак Ѓоковиќ, иако немаше добри резултати оваа сезона на земјена подлога.

  • Ако е физички подготвен Новак, нема повеќе од петмина играчи на светот што може да го победат. Но, прашање е колку е подготвен по малкуте одиграни мечеви – објасни Кореча.

Тој додаде дека искуството на Ѓоковиќ во Париз може да биде огромна предност, особено на мечевите што се играат во пет сета.

  • Со Новак никогаш не знаете што може да се случи. Доволно е да влезе во ритам и повторно да стане опасен за сите – заклучи Кореча.

ИЗДВОЕНИ