Под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“, на 12 и 13 мај во хотелот „Мериот“ во Скопје ќе се одржи 15-тото издание на Самитот „Македонија2025“, настан што традиционално ги собира носителите на политики, бизнис-лидерите, инвеститорите и претставниците на дијаспората со цел отворање дискусии за економскиот развој и иднината на регионот.
Организаторите најавуваат дека и оваа година Самитот ќе биде една од најзначајните регионални платформи за размена на идеи, воспоставување партнерства и поттикнување нови инвестиции и иницијативи. Во фокусот на програмата ќе бидат економскиот раст, конкурентноста, иновациите, дигиталната трансформација и улогата на дијаспората во развојот на државата.
Свеченото отворање е предвидено за 11 мај во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, каде што ќе присуствуваат претставници на Владата, дипломати, членови на Одборот на „Македонија2025“, како и гости од бизнис-заедницата и меѓународните организации. На настанот ќе бидат доделени и признанија за припадници на дијаспората кои придонеле за развојот на Македонија.
Главната програма ќе започне на 12 мај со обраќања на претставниците на „Македонија2025“, меѓу кои Виктор Мизо, Мајк Зафировски и проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски. Во рамки на Самитот е предвидено и интервју со премиерот Христијан Мицкоски, како и учество на повеќе владини претставници.
Најавено е присуство на голем број домашни и меѓународни експерти и лидери од областа на економијата, технологијата, финансиите, дипломатијата и иновациите. Меѓу говорниците ќе бидат Живко Мукаетов, Ана Драшковиќ, Том Клајн, Кристофер Хил, Јелена Беговиќ и други истакнати имиња од регионот и светот.
Програмата ќе биде поделена на тематски сесии посветени на инфраструктурниот развој, дигиталната конкурентност, вештачката интелигенција, лидерството во време на глобални предизвици и иновацискиот потенцијал на Балканот. Организаторите најавуваат дека посебен акцент ќе биде ставен на прашањето како регионот да премине „од потенцијал кон реални економски перформанси“.
Покрај панел-дискусиите и обраќањата, Самитот ќе понуди и можности за вмрежување преку специјални „Unwind Hour“ сесии и настани наменети за поврзување на компании, инвеститори, претставници на дијаспората и млади професионалци.
Од „Македонија2025“ велат дека целта на Самитот е да се создаде простор за конкретни идеи и партнерства што ќе придонесат за побрз и поодржлив економски развој.
– Нашата цел е да поврземе луѓе, идеи и институции кои можат да придонесат кон поконкурентна и просперитетна Македонија и регион – посочуваат организаторите.
„Македонија2025“ е независна и непрофитна организација основана од македонски иселеници, која од 2007 година работи на поддршка на лидерството, претприемништвото, иновациите и глобалното бизнис-поврзување.












