недела, октомври 25, 2026
Дома БАЛКАН Еди Рама најави казни до 5.500 евра за насилните демонстранти

Еди Рама најави казни до 5.500 евра за насилните демонстранти

0
EPA/MALTON DIBRA

Казни до 5.500 евра за учесниците во насилни протести, како и финансиска одговорност за предизвиканата материјална штета, се дел од новиот пакет мерки што го најави албанскиот премиер Еди Рама. Целта, според него, е да се спречат насилството, уништувањето имот и, како што ги нарече, појавите на „урбана анархија“.

Рама денеска го претстави пакетот мерки, нагласувајќи дека тие не се насочени против граѓаните кои мирно протестираат, туку против оние што учествуваат во насилни инциденти и предизвикуваат штета, пренесува „Еуроњуз Србија“.

Според најавата, санкции ќе има и за лицата кои нема да се повлечат по полициско предупредување, доколку продолжат да остануваат во група што фрла камења, пали или уништува имот. Од ова правило ќе бидат изземени новинарите, медицинските работници, набљудувачите, службените лица и случајните минувачи.

Предвидено е и родителите да ја преземат финансиската одговорност за штетата предизвикана од деца помлади од 14 години.

Пакетот предвидува државата да покрива од 70 до 100 проценти од штетата што малите бизниси ќе ја претрпат поради провали, грабежи и пожари поврзани со насилни инциденти.

Најавени се и посебен закон за надоместување на штетата, измени на законската регулатива за јавни собири, воведување електронски регистар на прекршители, како и промени во етичкиот кодекс за наставниците и во Кривичниот законик.

Рама порача дека е подготвен да ги сослуша граѓаните кои имаат забелешки и критики за работата на владата, но нагласи дека барањето за негова оставка не може да се наметнува преку насилство.

Со најавените мерки, албанската влада планира да ја заостри одговорноста за насилството на протестите, а истовремено да обезбеди финансиска поддршка за бизнисите што претрпеле штета.

ИЗДВОЕНИ