Познатиот регионален ММА-борец и фитнес-ентузијаст, Марко Бојковиќ, престојуваше во Скопје, каде што оствари средба со македонските каратисти Давид Петков и Глигор Петков, освојувачи на бројни медали на домашни и меѓународни натпреварувања.
Средбата се одржа во скопската вежбалница „FR Vanguard“, а во пријателска атмосфера се разговараше за боречките спортови, дисциплината што ја бара професионалниот спорт, подготовките за натпревари и предизвиците со кои се соочуваат спортистите на патот до врвните резултати. Тие разменија искуства од своите кариери, разговараа за современите методи на тренинг и за важноста од постојано усовршување и посветеност.
Посебен акцент беше ставен на потребата младите да се насочуваат кон спортот уште од најрана возраст. Соговорниците се согласија дека спортот не придонесува само за физичкото здравје, туку и за развој на дисциплина, работни навики, самодоверба и одговорност, како и дека претставува најдобар начин младите да се оддалечат од негативните влијанија и да изградат здрав животен стил.
Посетата на Бојковиќ во Скопје беше оценета како добра можност за поврзување на спортисти од регионот и размена на искуства и идеи кои можат да придонесат за понатамошен развој и популаризација на боречките спортови, но и за поголема мотивација на младите активно да се занимаваат со спорт.













