Навредата „комплетен идиот кој зборува будалаштини“ по сè изгледа, нема да биде најдолното дно кое го допреа македонските политичари во секојдневните меѓупартиски конфронтации. Тешките зборови кои на почетокот на месецов ги искажа лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Венко Филипче, извесно, нема да бидат и последни навреди кои се разменија. За жал, и покрај осудите, реакциите и апелите во јавноста, навредувањата како да не запираат. Напротив, деновиве продолжуваат речиси со несмален интензитет при што за упатување сега се искористи и големиот државен празник, Денот на востанието, 11 Октомври. При ова, во непримерниот вокабулар сега најчесто се користат истите навреди кои и досега беа упатувани кон партиските ривали и кои, сигурно, со својата несоодветност и непримерност отворија пат кон уште потешки навреди.
Лидерот на СДСМ, Филипче, неодамна, во едно телевизиско интервју, даде објаснување за употребата на тешки зборови како „идиот кој зборува будалаштини“. Според него, причината било во тоа што сакал да го спречи премиерот да не ги навредува граѓаните.
– Морав јасно и гласно да му кажам дека не може да ги навредува граѓаните. Тој нема право да го прави тоа, не може да ги потценува. Времето ќе го покаже тоа и ќе го докаже сè повеќе и повеќе – рече Филипче.
Но, по ова кажување од негова страна, од редовите на неговата партија, последниве денови не запре упатувањето на навредите кон владејачката партија и нејзините водечки функционери. Но, не изостанаа ниту одговорите од владејачката партија.
Уста полни со тешки зборови
За тешка вербална пресметка се искористи и денот на големиот празник, Денот на востанието. Така, во своето обраќање на прославата во Прилеп, лидерот на СДСМ, Филипче, рече дека водат борба против „арамиите на власт“.
– Борбата за Македонија денеска е борба против нејзината распродажба. За рудници, вода, земја и дата-центри. Арамиите на власт ќе ја стават државата на распродажба за туѓи профити и за провизии – рече Филипче.
На ова следуваше и одговор од премиерот Христијан Мицкоски во неговото обраќање на прославата во Куманово.
– Не смееме да бидеме заглавени, заробени помеѓу мочуриштето и талогот насобран со децении. Се радуваат на секоја лоша работа, а посакуваат и работат на неуспех. Се продаваат на оние што немаат добри намери кон државата, за нивни најверни слуги, ортаци во намерата, да ја видат државата на колена – нагласи премиерот.
На неодамнешната конференција за печат посветена на ребалансот на државниот буџет, опозициските социјалдемократи, пак, ја употребија тешката навреда – арамија.
– Арамијата ја троши народната каса како да е бунар без дно. Троши ама не за граѓаните, не за поголеми плати и пензии – туку за криминални партиски тендери – обвини Симона Цветаноски, членка на партискиот Извршен одбор.
И во неодамнешното партиско соопштение кое беше реакција на изјавите на вицепремиерот Александар Николовски, тешките зборови се упатија кон него и кон премиерот Христијан Мицкоски.
– Арамијата Мицкоски го прати чиракот Николовски да ги нападне СДСМ и Венко Филипче – објави оваа партија со додавка дека владејачка партија е „организирана криминална група“.
Навредата „арамија”, СДСМ му ја упати на премиерот и по неговиот настап на предизборен собир на владејачката партија во Брвеница.
Должни, деновиве, не остануваа ни од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, од каде што, пак, упатуваа старо-нови навреди дека СДСМ и неговите функционери се предавници.
– Во однос на ЕУ, граѓаните знаат дека СДС, Филипче и Заев се квислизите, а сега ВМРО-ДПМНЕ се труди да избоксува достоинствен пат кон ЕУ. Македонија е блокирана од Бугарија токму поради понизноста на СДС, на Заев, Османи и останатите – се нагласи во едно партиско соопштение.
Во друго, пак, се наведува дека „СДС и Филипче знаат само за марихуана економија“, дека „нивното владеење било полно со криминал и корупција“… И премиерот Мицкоски на собирот во Брвеница порача дека „понижена опозиција со свиткана кичма потпишувала бели листови хартија, распродавајќи ја државата“…
Комуниколозите досега многупати предупредуваа дека е време да се запре со навредите, но апелите остануваа без успех. И сега, по најновата серија навреди, овие експерти сметаат дека, фактички, се навлегува во нова серија навредувањата.
– Изјавата „идиот“ би ја толкувал како знак дека политичката комуникација влегува во нова спирала на заемно навредување. Проблемот е што навредата не престанува затоа што едната страна ќе возврати со навреда. Напротив, така се создава размена на изјави во која секоја следна навреда се оправдува со претходната. Политичарите можат да бидат остри, критични и бескомпромисни кон своите политички противници, но постои важна разлика меѓу политичка критика и лична дисквалификација или навреда. Кога политичката дебата се сведува на „идиоти“, „талог“, „мекотели“, „предавници“ и „коленичари“, аргументите исчезнуваат, а политиката се претвора во натпревар кој ќе употреби потешка навреда – наведува комуникологот Сеад Џигал во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Натпревар на аргументи, а не на непријателство
Упатувањето на најразлични квалификации кон политичките противници е правило во политиката. Но, во македонскиот случај, проблемот се појавува што се користат претешки зборови кои остваруваат грд впечаток во јавноста. Експерти предупредуваат дека таквиот говор се шири меѓу помладите генерации на населението и дека политичката борба може да се води на поинаков начин.
– Партиската битка може да се води и на друга начин. Изборната кампања не треба да биде натпревар во љубезност, но мора да биде натпревар во аргументи, и пред сѐ, решенија и како да се стигне до нив. Политичарот може да каже дека неговиот противник донел погрешна одлука, дека има неуспешна политика, дека не ги исполнил ветувањата, дека одредена владина мерка е штетна или дека опозицијата нема добра алтернатива. Сето тоа е легитимна политичка критика. Проблемот започнува кога наместо „оваа политика е погрешна“ добиваме „ти си идиот“, наместо „оваа одлука е штетна“ добиваме „вие сте предавници“, или наместо аргумент добиваме етикетирање. Особено е важно што ваквиот речник не останува само меѓу политичарите. Тој постепено се пренесува и врз граѓаните и создава политичка култура на непријателство, во која човекот што гласа за друга партија не е сограѓанин со различно мислење, туку станува „предавник“, „предмет на презир“ или „непријател“ – нагласи Сеад Џигал.
Во јавноста се појавија и експертски мислења дека е потребно воведување и конкретни казни за оние јавни личности кои упатуваат навреди бидејќи етичките кодекси не предвидуваат такво нешто. Но, според Џигал, тука се јавува ризик од можни злоупотреби доколку државата почне да казнува секоја навредлива политичка изјава.
– Лесно може да се создаде механизам кој утре ќе биде злоупотребен против политичкиот противник. Но тоа не значи дека политичарите треба да бидат без одговорност. Потребни се јасни политички и институционални стандарди на однесување. Најсилната санкција, сепак, треба да биде политичката. Граѓаните треба да научат да препознаваат кога политичарот нема аргумент и затоа користи навреда. Кога навредата ќе стане знак на политичка немоќ наместо знак на политичка сила, тогаш и политичарите ќе имаат помал мотив да ја користат. Во суштината, не ни треба политика без конфликти, туку политика без дехуманизација на противникот. Демократијата не бара политичарите да се сакаат. Бара да можат жестоко да не се согласуваат, а сепак да го признаат правото на другиот да постои, да зборува и да биде различен. Затоа, да, крајно време е ова да престане. Но тоа не значи дека треба да престане политичкиот дијалог со критика и одговори – укажува комуникологот Сеад Џигал. (Б. Ѓ.)












