Осумдесетгодишниот скопјанец Месут Неби за весникот ВЕЧЕР раскажува дека овој празник носи топла и свечена атмосфера во семејството кое се собира на свечена трпеза полна со традиционални јадења и благo – баклава, тулумби и разни домашни специјалитети. Домовите се отворени за гости, роднини, соседи и пријатели, без разлика на нивната вера, што го прави празникот симбол на соживот и почит.

Месут Неби од Скопје

Со утринските молитви и топлината на семејните средби, верниците го одбележуваат Рамазан Бајрам – еден од најзначајните празници во исламската традиција. По месецот на пост, одрекување и духовно прочистување, денот носи пораки на мир, меѓусебно почитување и помагање на оние на кои им е најпотребно. Домовите се исполнети со радост, а празничната атмосфера потсетува на важноста на заедништвото и добрината.

Осумдесетгодишниот скопјанец Месут Неби за весникот ВЕЧЕР раскажува дека овој празник носи топла и свечена атмосфера во семејството кое се собира на свечена трпеза полна со традиционални јадења и благo – баклава, тулумби и разни домашни специјалитети. Домовите се отворени за гости, роднини, соседи и пријатели, без разлика на нивната вера, што го прави празникот симбол на соживот и почит.

Фамилијарен ифтар

– Празниците се прилика за да луѓето од разни националности и вери да се зближат и да си честитаат празник. Мене ми е многу мило што имам многу пријатели од разни вери и нациналности што ми честитаат Рамазан Бајрам. Драги ми се сите честитки, особено ми се драги и честитките од „фејсбук“ на групата  „Стари Скопјани“ – вели нашиот соговорник кој нагласува дека месецот Рамазан фактички е подготовка за секој Муслиман како да биде подобар човек во останатите 11 месеци од годината.

Тој со гордост посочува дека почнал да пости некаде од својата 12-15 година и дека ја продолжува трацицијата која ја наследил од своите претци кои повеќе од еден век служеле во Султан Муратовата џамија.

Дедо ми Хф Јусуф, татко ми Хф.Сами, чичко ми Хф.Расих, Хф.Чашит (прв братучет на татко ми)

– Татко ми Хф. Сами, дедо ми Хф.Јусуф, а пред нив Хф.Омер служеле во Султан Муратова џамија, нашата фамилија повеќе од сто години служела во Султан Муратовата џамија која е изградена 1436 година и е најголемата џамија на Балканот изградена во Османлискиот период. Таткото на Хф.Јусуф, Неби ефенди се школувал во Медресето Сулејмание во Истанбул, а неговиот татко Хф. Мустафа се школувал во Фатих Медресето во Истанбул – раскажува Неби за весникот ВЕЧЕР. Тој по професија е градежен инженер, а уметник во душа и има организирано две самостојни изложби.

Утринска молитва во џамија

За славењето на Рамазан Бајрам вели дека за мажите започнува со утринско клањање на „Сабах намаз“, односно утринска молитва, која се клања пред раѓањето на сонцето.

– Хоџата се обраќа кон вериците со цитати од Коранот, за значењето на Рамазанскиот пост, за значењето на Рамазан Бајрам, како да се биде добра личност и да се прават само добри дела… Потоа се клања и „Бајрам намаз“ -Бајрамското клањање. По завршувањето на клањањето, верниците меѓу себе си честитаат Рамазан Бајрам и си посакуваат убави желби. По завршување на ритуалот во џамијата, во Скопје е обичај се посетуваат гробиштата, се посетуваат гробовите на најблиските, роднините и пријателите и т.н. и се учат молитви за нив. По враќање дома, домашните меѓусебно си честитаат Рамазан Бајрам и се јаде фамилијарниот Бајрамски ручек. После сето ова, започнува посета на најстариот во фамилијата и по ред се посетуваат сите роднини и пријатели. Гостите се послужуваат, обавезно со баклава и разни пијалоци – раскажува нашиот соговорник. Посебно внимание, додава, им се посветува на децата, кои добиваат подароци и „бајрамлак“, додека постарите ги благословуваат помладите.

Хуманоста и солидарноста се исто така важен дел од празнувањето – се помага на сиромашните и на оние на кои им е потребна поддршка.

Пред Султан Муратова џамија Хф Омер и зет му – дедо ми Хф.Јусуф

Рамазан Бајрам во Македонија не е само верски празник, туку и културен и општествен настан кој ги зајакнува семејните врски, ја поттикнува меѓусебната почит и ја негува традицијата на заедничко живеење.

Рамазан Бајрам доаѓа по едномесечниот строг пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце. Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, е месец кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години.

Во текот на Рамазанскиот пост, муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитр, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината. Токму затоа, се вели дека Рамазан-Бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина. Ден кога сиромашните се радуваат во удобностите на животот, ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога муслиманите се соединуваат во молитви и меѓусебни посети, ден кога пријателите ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, ден кога благородниот дух ги простува грешките на другите и се соединува по разделбата.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е неработен за сите граѓани на Република Македонија.   (С.Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ