Деновиве, во Вашингтон се одржуваат пролетните средби на ММФ и Светската банка, каде што носителите на политиките ќе разговараат за светската економија. Пролетните средби се значајна можност за носителите на економските политики од целиот свет да разговараат за важни и актуелни теми. Особена важност имаат состаноците на Светската банка и ММФ, каде што се разгледува напредокот во нивната работа. Темата оваа година е: „Работата – пат до успехот“.

На средбите во Вашингтон учествуваат министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Министерката Димитриеска-Кочоска ќе оствари средби со високи претставници на ММФ и на Светската банка, на кои ќе им ги претстави остварувањата и идните планови за фискалната политика и реформските чекори што ги презема Владата во управувањето со јавните финансии, а со цел одржување макроекономска стабилност.

Во текот на престојот во Вашингтон, министерката ќе се сретне и со претставници од Трезорот на САД и од мултинационални корпорации за финансиски услуги, кои се вклучени во процесите на издавање еврообврзници на нашата земја. Исто така, министерката ќе учествува и на регионалната тркалезна маса за платежни системи, посветена на единствената област за плаќања во евра СЕПА, во чии рамки годинава се приклучи и нашата земја.

Заедно со гувернерката Ангеловска-Бежоска, во Вашингтон се и вицегувернерите Фадил Бајрами и Ана Митреска, кои веќе остварија средба со претставници на Федералните резерви на Њујорк ‒ најголемата банка во американскиот ФЕД. Разговараа за уште подобра соработка, особено за плаќањето и трансакциите во долари, како и за начините за управување со државните хартии од вредност. Се зборуваше и за заедничката работа во областите како што се монетарната политика, управувањето со девизните резерви и ризиците и новите трендови во банкарството.

Гувернерката и вицегувернерите ќе имаат средби и со претставници на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), заради размена на искуства за засилување на активностите за финансиска и родова вклученост. Претставниците на Народната банка ќе учествуваат и на тркалезната маса на Светската банка за зајакнување на регионалната соработка во доменот платежните системи.

ИЗДВОЕНИ