Во Москва денеска се одржаа разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг. Путин му се заблагодари на кинескиот лидер за присуството на одбележувањето на 80-годишнината од победата и изрази подготвеност наскоро да ја посети Кина.
Двајцата ја нагласија важноста на соработката, зачувувањето на историската вистина за Втората светска војна и развивањето на меѓусебно корисни односи. Официјалната церемонија на пречек се одржа во Георгиевската сала во Кремљ, а беше најавена и заедничка изјава за медиумите.
Присуството на Си Џинпинг на одбележувањето на Денот на победата му дава важна политичка поддршка на рускиот претседател Владимир Путин, кој ја прикажува војната во Украина од самиот почеток како борба против современите нацисти – тврдење што Украина и нејзините сојузници го отфрлаат како очигледна измислица.
Путин рече дека „победата над фашизмот има трајно значење“ и дека Русија, заедно со Кина, „ја штити историската вистина и се спротивставува на модерните форми на неонацизам и милитаризам“.
Си Џинпинг нагласи дека Кина и Русија, како постојани членки на Советот за безбедност на ОН, работат заедно против „унилатерализмот и уцената“ (алудирајќи на САД) и за да промовираат „правилен поглед на историјата на Втората светска војна“, заштитувајќи ги правата на земјите во развој и застапувајќи се за поправеден, мултиполарен свет.
Присуството на Си Џинпинг на прославите по повод годишнината во Москва е силен знак за единство меѓу двајцата авторитарни лидери и нивните земји, во време кога стратегијата за надворешна политика „Америка на прво место“ на американскиот претседател Доналд Трамп ги потресе глобалните сојузи. Путин претходно го нарече Си свој „главен гостин“. Во писмена изјава по пристигнувањето во Москва, Си нагласи дека Кина и Русија се „добри соседи кои никој не може да ги раздели, вистински пријатели во добро и лошо и сигурни партнери кои си помагаат едни на други да успеат“.