Русија планира атентати врз директори на европски одбранбени компании што ја снабдуваат Украина, објави „Фајненшл тајмс“ (ФТ), повикувајќи се на извори од пет европски разузнавачки служби. Според извештајот, Москва ги засилува тајните операции со цел да ја ослаби поддршката за Киев, а компаниите ја зголемуваат личната заштита на своите раководители.
Предупредувањата не се ограничени на најголемите производители на оружје. Меѓу потенцијалните цели, според наводите на ФТ, се и директори на помали компании за дронови и компоненти. Германските служби ги засилиле контактите со одбранбената индустрија, а на одделни раководители им препорачале дополнителна лична заштита, вклучувајќи приватно обезбедување. Разузнавачките извори ја нагласуваат и психолошката цел на заканите. Самото чувство дека може некој да стане цел треба да ги одврати компаниите од работа со Украина.
Во јули 2024 година, „Ројтерс“ пренесе извештаи на Си-ен-ен и на „Њујорк тајмс“ за откриен руски план за убиство на Армин Папергер, директор на германскиот „Рајнметал“. Според тие извештаи, американските служби ја предупредиле Германија, што овозможило преземање мерки за негова заштита. Но, Москва редовно ги отфрла западните обвинувања за вмешаност во саботажи, планови за атентати и во други тајни операции во Европа.












