По серијата земјотреси што утринава го погодија Истанбул, турските власти ги повикуваат граѓаните да не влегуваат во потенцијално оштетените згради и да користат мобилни телефони само во итни случаи.

Според министерот за внатрешни работи Али Јерликаја, тимовите за управување со катастрофи и вонредни состојби веќе почнале со проценка на штетите на терен.

Првите снимки кои излегуваат од Истанбул покажуваат вознемирени граѓани кои во паника ги напуштаат зградите и се обидуваат да остварат контакт со своите најблиски.

Силниот земјотрес предизвика страв и евакуација низ градот.

Жителите на Истанбул се во шок по земјотресот. Многумина се многу претпазливи кога се во прашање земјотресите, особено по катастрофалните земјотреси во 2023 година во Турција и Сирија, кога загинаа 55.000 луѓе.

Турската агенција за управување со вонредни состојби соопшти дека се регистрирани уште три земјотреси во областа Бујукчемеџе во западен Истанбул. Поради огромниот број пристапи до веб-страницата на агенцијата, системот привремено паднал, а дополнителни информации се очекуваат во наредните часови.

Официјалната проценка за јачината на земјотресот беше намалена на 4,9 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот се наоѓа во Мраморното Море во близина на Истанбул. Претходно беше кажано дека магнитудата била 6,2 степени.

Министерот за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу рече дека нема пријавено оштетување на патиштата, железницата, аеродромите и линиите на метрото во Истанбул.

Истанбул, град со повеќе од 16 милиони жители, се наоѓа на северноанадолскиот расед, познат по својата висока сеизмичка активност. Експертите со децении предупредуваат дека уште еден голем земјотрес е прашање на време и дека илјадници лошо изградени згради, подигнати за време на градежниот бум, се главната причина за потенцијалните трагедии.

И покрај постоењето на агенција за катастрофи, поотпорни болници и системи за автоматско исклучување на гасот, незаконската и неконтролирана градба останува најголемиот предизвик.

Истанбул неколку пати низ историјата бил погоден од разорни земјотреси. Најстрашниот во историјата се случил во 1509 година и е познато како „мала апокалипса“.

Се повикуваат граѓаните да бидат со максимална внимателност и да ги следат упатствата на надлежните органи. Во тек е натамошна истрага за состојбата на објектите и инфраструктурата.

ИЗДВОЕНИ