Денeска во Скопје, во паркот „Жена Борец“, во организација на неформалната иницијатива „Ниту една повеќе“ граѓаните се собираат на мирен протест по смртта на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, со барање за правда и одговори за постапувањето на институциите пред нејзината смрт.
„Ниту една повеќе!“ и „Не бараме сочувство. Бараме одговорност“ се пораките со кои учесниците повикуваат на навремена и ефикасна заштита на жените и девојките што пријавуваат насилство.
Протестот го организира неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“. Според најавената програма, по собирањето и обраќањата во паркот, предвиден е марш низ центарот на Скопје, со завршна точка кај МОН.
Меѓу барањата на организаторите се целосна и транспарентна истрага за смртта на Билјана и утврдување одговорност за секој институционален пропуст. Бараат и усвојување на предложените законски измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Повикот опфаќа и враќање на поимот „род“ во законите, упатствата и програмите од кои, според иницијативата, бил отстранет, како и разрешување носители на јавни функции кои го оправдуваат или нормализираат насилството.
Фото: П. Стојановски















