Во 2025 година, во земјава биле евидентирани 614.334 вработени лица, што претставува благо намалување од 0,1 отсто во однос на претходната година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Од вкупниот број вработени, 330.240 се мажи, додека 284.094 се жени.
Според статистичките податоци, вкупната вработеност останала речиси непроменета во споредба со 2024 година, но сепак е забележан мал пад, кој најмногу се должи на намалувањето на бројот на вработени во секторот преработувачка индустрија. Во оваа дејност, бројот на вработени е намален за 5,2 проценти, што претставува најголемо намалување меѓу економските сектори.
Истовремено, во одредени дејности е регистриран пораст на вработеноста. Најголемо зголемување е забележано во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, каде што бројот на вработени пораснал за 5,5 проценти. Пораст е евидентиран и во секторот административни и помошни услужни дејности, каде што бројот на вработени е зголемен за 3,3 проценти.
Податоците укажуваат дека, иако вкупната вработеност во државата останува стабилна, на пазарот на трудот продолжуваат структурни промени, при што дел од традиционалните индустрии бележат пад на бројот на вработени, додека услужните дејности продолжуваат да отвораат нови работни места.












