Обновете го и отворете го Алкатраз! Кога бевме посериозна нација, во минатото, не се двоумевме да ги затвориме најопасните криминалци и да ги држиме подалеку од секого на кого би можеле да му наштетат, напиша Трамп. Царината од 100 проценти за странските филмови ја нареди затоа што во нив гледа закана за националната безбедност. Трамп уште еднаш потсети дека САД мора да го добијат Гренланд, ако треба и со воена акција, но во пресрет на денешната средба во Вашингтон со канадскиот премиер, се откажа од анексија на Канада
Откако се повлече од мировните преговори меѓу Русија и Украина, американскиот претседател Доналд Трамп се сврти на Америка. Две негови уникатни идеи го привлекоа вниманието на светот, иако откако неодамна одбележа 100 дена власт, се чинеше дека неговите потези веќе не можат никого да изненадат. Тој нареди повторно да се отвори затворот Алкатраз и да се воведе царина од 100 проценти за странските филмови, кои според него се закана за националната безбедност.
Трамп изјави дека на Бирото за затвори му наредил да го обнови и повторно да го отвори озогласениот Аклкатраз во Сан Франциско зашто сака сега, како и во минатото, таму да одат најсуровите и најнасилните криминалци во Америка.
-Обновете го и отворете го Алкатраз! Кога бевме посериозна нација, во минатото, не се двоумевме да ги затвориме најопасните криминалци и да ги држиме подалеку од секого на кого би можеле да му наштетат, напиша Трамп на својата платформа „Трут сошл“.
Тој, исто така, наредил затворот значително да се прошири.
-Денеска му наложувам на Бирото за затвори, заедно со Министерството за правда, ФБИ и Службата за внатрешна безбедност, повторно да го отворат значително проширениот и реновиран Алкатраз, напиша Трамп.
Во федералниот затвор Алкатраз до 1963 годна, кога бил затворен, лежеле озлогласени американски криминалци, меѓу кои и Ал Капоне. Алкатраз бил отворен во 1934 година и додека постоел бил прогласен за најбезбеден затвор во САД, поради тоа што бил сместен на остров во море со ледена вода и силни струи. Никогаш официјално не е регистрирано успешно бегство од тој затвор, иако петмина затвореници се наведени како исчезнати и се претпоставува дека се удавиле во морето. Алкатраз беше затворен бидејќи одржувањето било многу скапо. Поради локацијата во море државата ја чинел трипати повеќе од кој било друг федерален затвор.
Сега Алкатраз е најпопуларната туристичка атракција во рамките на Националната рекреативна зона на Голден Гејт, што се простира на 80.000 хектари. Посетата на островот вклучува обиколка на куќата-ќелија каде што може да се види како живееле затворениците. Сè уште структурно недопрен е и главниот затворски блок со своите челични решетки, клаустрофобичните ќелии од 2,7 на 1,5 метри, библиотеката и „темните дупки“.
Речиси истовремено со одлуката да го отвори стариот затвор, во странските филмови Трамп виде закана за националната безбедност, па објави дека планира за нив да воведе царина од 100 проценти и со тоа за првпат да ги прошири своите рестриктивни трговски политики за увоз и на секторот за забава. Повторно со објава на својата мрежа Трут сошл тој им наложи на Министерството за трговија и на неговиот трговски претставник веднаш да го почнат процесот на воведување на новите царини за странски филмови. „Пак сакаме филмови направени во Америка“, напиша Трамп. Според него другите нации ги користат филмовите за пораки и пропаганда. Сепак, не е јасно како би функционирала царината, бидејќи многу филмови од холивудските студија се всушност глобално производство и честопати се снимаат на локации во странство и постпродукциска работа што може да се изврши насекаде во светот. На пример филмовите „Господар на прстените“ се снимаа во Нов Зеланд. Не е јасно ниту дали царината се однесува на филмови што се веќе снимени, но сè уште не се објавени, или само на нови продукции.
Трамп викендов најави уште едно радикално решение – воена акција, ако тоа е потребно, за да го освои Гренланд, остров што ѝ припаѓа на Данска, но има широка автономија. Во интервју за НБЦ рече: „Не велам дека ќе го направам тоа, но не исклучувам ништо“.
Во истото интервју прашан за анексијата на Канада, што ја заговара уште од почетокот на мандатот, тој рече дека не му изгледа веројатно.
-Не го гледам тоа со Канада. Морам да бидам искрен, едноставно не го гледам, одговори тој.
Ваков одговор Трамп даде во очи на денешната средба во Вашингтон со канадскиот премиер Марк Карни, кој победи на изборите благодарение на силното анти-Трамп расположение во Канада.