вторник, ноември 24, 2026
Дома БАЛКАН Поранешниот директор на БИА: Странците не ја соборија власта, таа сама се...

Поранешниот директор на БИА: Странците не ја соборија власта, таа сама се урна – и Мики Маус да беше од другата страна ќе победеше

0
Фото: screenshot Nova rs

Александар Ѓорѓевиќ, поранешниот директор на српската Безбедносно-информативната агенција (БИА), изјави дека претходната власт (СНС) не била соборена од странци, туку дека сама се урнала.

Коментирајќи ги тврдењата на Српската напредна странка (СНС) – која сега е во опозиција – дека странски разузнавачки служби биле вмешани во протестите по уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, што постепено доведе до промена на власта и изборна победа на „Студентската листа“, Ѓорѓевиќ за Би-Би-Си на српски јазик изјави дека странските безбедносни служби немале никаква улога во промената на власта во Србија.

„Странците не ја соборија власта, таа сама се урна. Какви ’странци‘, какви бакрачи! Децата ги соборија – а искрено, и Мики Маус да беше од другата страна, и тој ќе ги победеше“, рече Ѓорѓевиќ.

Тој истакна дека реформирањето на безбедносните служби е „неопходно“, но го опиша како „многу специфична, тешка и сложена задача за која се потребни години“.

„Ерозијата на раководниот кадар води до ерозија на работењето на агенцијата“, тврди тој – како што пренесува Би-Би-Си – притоа вперејќи го прстот првенствено кон Братислав Гашиќ, кој го наследи на функцијата директор на БИА во 2017 година. „Јас бев директор на БИА (2013–2017) и секој што ќе ви каже дека дошол на таа позиција затоа што бил најпаметен или најстручен за безбедност – ве лаже. Мене ме постави политичкиот естаблишмент и не бегам од тој факт. Секој директор на БИА се потпира на политичкото раководство што е моментално на власт, кое дава насоки за тоа како треба да работи агенцијата – понекогаш директно, понекогаш индиректно. Затоа е клучно кој раководи со агенцијата,  директорот е ’главата‘ – сè поминува низ него и тој диктира како сè функционира“, наведува тој. Сите мои раководители на сектори во БИА беа исклучително искусни поединци, кои биле млади оперативци уште во времето кога Слободан Милошевиќ ја губел власта – тогаш тие ја следеле опозицијата, но истовремено и навивале за неа“, рече Ѓорѓевиќ.
Сите беа сменети кога Гашиќ ја презеде функцијата, но, како што вели поговорката, ’каков светец, таква и химна‘ – секој поставува луѓе кои се од ист ков како и тој самиот“, забележува тој.

Ѓорѓевиќ изјави дека последен пат разговарал со Александар Вучиќ на 17 мај 2025 година.

„Тогаш ми се јави, разговаравме, а од тој момент натаму ниту сме разговарале, ниту сме се виделе – а нема ни да се видиме. Денешниот Александар Вучиќ и оној што го познавав некогаш не се иста личност. Секоја власт корумпира, а апсолутната власт корумпира апсолутно“, оцени тој.

Коментирајќи ги обвинувањата против БИА во врска со прислушувањето на новинари, студенти и професори, Ѓорѓевиќ изјави дека никој не смее да биде прислушуван без судски налог.

„Не постои ’добро‘ или ’лошо‘ прислушување; постои само законито или незаконско прислушување. За оваа мерка е потребно судско одобрение, а доколку тоа недостасува – и ако се точни гласините – тогаш станува збор за скандал. За судот да одобри прислушување, не се доволни само неколку реченици, потребна е претходна подготовка, анализа, формално образложение и обемна документација“, објасни тој, додавајќи дека лицата кои се предмет на вакви мерки можат да бидат следени каде и да се наоѓаат.

Ѓорѓевиќ напомена дека лица кои се од интерес за безбедносните служби можат да се најдат насекаде, а „секој што сака да го разбере општеството одвнатре, точно знае каде да бара“.

„Денес, најголемиот круг на доушници за странските разузнавачки служби се наоѓа меѓу адвокатите и писателите – тоа е моменталниот тренд“, тврди тој. Тој додаде дека за време на неговиот мандат – па дури и пред тоа – новинарите служеле и како информатори, но дека веќе не им се обраќаат за таа цел „поради деградацијата на новинарската професија“.

Според него, безбедносните служби на западните земји одржуваат континуитет во работењето, на кој не влијаат промените на власта, додека „кај нас, секогаш кога системот се уривал, заедно со него се уривала и службата“.

„Падот на Слободан Милошевиќ ја закопа неговата безбедносна служба, а и ова [падот на поранешниот режим], по сè изгледа, ќе ја закопа службата што настана по 5 октомври“, рече Ѓорѓевиќ.

ИЗДВОЕНИ