Со величествениот настап на светските оперски ѕвезди, сопранистката Ермонела Јахо и американскиот тенор Чарлс Кастроново, Охрид уште еднаш потврди дека е еден од најзначајните културни центри не само во регионот туку и во светски рамки. Со своите раскошни гласови, длабоката емоција и со впечатливата сценска харизма, тие приредија вистинска магија за присутните, наречена „Љубов“.

– „Охридско лето“ не е само фестивал туку и место каде што уметноста ги обединува луѓето и создава спомени што остануваат за цел живот – истакна директорот на НУ Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски, за весникот ВЕЧЕР

 

Под ѕвезденото небо во Охрид, во магичниот амбиент на преполниот Антички театар, завчеравечер се случи вистински триумф на уметноста, музиката и на емоцијата. Со свеченото отворање на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, со величествениот настап на светските оперски ѕвезди, сопранистката Ермонела Јахо и американскиот тенор Чарлс Кастроново, Охрид уште еднаш потврди дека е еден од најзначајните културни центри не само во регионот туку и во светски рамки.

Со своите раскошни гласови, длабоката емоција и со впечатливата сценска харизма, тие приредија вистинска магија за присутните, наречена „Љубов“. Нивните маестрални интерпретации на безвремените оперски арии и дуети создадоа атмосфера исполнета со силни емоции, а секој настап беше поздравен со бурни аплаузи и долготрајни овации. Воодушевената публика ги враќаше на сцената, претворајќи ја гала-вечерта во музички спектакл што долго ќе се памети. Впечатоците дополнително ги засили оркестарот на Националната опера и балет, кој под диригентската палка на италијанскиот маестро Марко Боеми понуди моќна и беспрекорно синхронизирана изведба.

Повеќе од 4.000 посетители оваа магична вечер беа дел од фестивалот, кој за отворен го прогласи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која потсети дека пред 66 години, под сводовите на „Света Софија“, оперската дива Ана Липша-Тофовиќ ги испеала првите фестивалски тонови, означувајќи го раѓањето на културната традиција, денес препознатлива и надвор од границите на Македонија.

– „Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, културна дипломатија и универзален уметнички јазик. Тоа е место каде што уметноста ги надминува сите граници и ги поврзува луѓето – истакна претседателката.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, посочи дека „Охридско лето“ одамна прераснало во симбол на македонската култура.

– „Охридско лето“ никогаш не било само обичен фестивал. Тоа е жива потврда дека Македонија отсекогаш знаела дека културата не е луксуз, туку предуслов за достоинствено постоење. Не за да нè затвори во нас самите, туку за да нè отвори кон другите без да престанеме да бидеме свои – рече Љутков.

Уметничката порака годинава ја испрати оперскиот првенец Игор Дурловски, кој истакна дека малите земји ја градат својата големина преку културата, духовноста и уметноста.

– Нашата задача е да му кажеме на светот кои сме и да му понудиме нешто што може да го споделиме со сите: нов поглед, ново прашање и нов простор за средба. Посакувам уметноста да биде нашата најубава порака до светот – дека човекот сè уште има потреба од убавина, смисла и надеж – рече Дурловски.

Во следните 40 дена, фестивалот ќе понуди околу 50 музички, театарски, балетски и џез-настани со повеќе од 700 уметници од 24 земји. Програмата ќе се реализира на Античкиот театар, во црквата „Света Софија“ и на сцената „Долни Сарај“, а годинава ќе бидат одбележани и два значајни јубилеи: 100 години од раѓањето на Ана Липша-Тофовиќ и 60 години од основањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Со блескавото отворање, спектакуларниот концерт, рекордната посетеност и со настапите на светски оперски ѕвезди, „Охридско лето“ уште еднаш потврди дека е културен бренд со меѓународен углед, место каде што се спојуваат традицијата и современата уметност во едно незаборавно фестивалско доживување. (Д. Т.)

Фото: НУ „Охридско лето“

 

ИЗДВОЕНИ