На 21 март, во Пробиштип! Нашата Македонија има релативно нова и како што веќе стојат работите, традиционална манифестација која ветува дека ќе стане вистински хит меѓу љубителите на вкусниот залак, здравата храна и добрата музика. Како што дознаваме, на 21 март, градот Пробиштип ќе биде домаќин на најновото издание на „Зелникот на баба 2026“ – настан што на едно место ги спојува старите македонски рецепти и народната песна.
Градскиот плоштад „Св. Гаврил Лесновски“ ќе се претвори во сцена на која ќе мириса на тазе испечен зелник под вршник, а во воздухот ќе одекнуваат звуците на македонската фолк-музика. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во вистински спектакл: демонстрации на традиционално сукање зелник, печење на отворено, избор на најдобра етномаса, но и возбудлив натпревар во брзо сукање – дисциплина која сигурно ќе донесе многу смеа и аплаузи.
Но, ова не е само гастрономски настан – музиката ќе ја има главната улога. Ќе настапат популарните имиња од македонската фолк-сцена: Блага Петреска, Смиља Митревска и Катерина Танева од „Нели ти реков“. Публиката може да очекува уште многу изненадувања и настапи од културно-уметнички друштва како што се „Злетовски рудар“, „Весели пензионери“, како и Градскиот хор „Срма“. Целиот настан ќе биде под водителската палка на харизматичната Ирена Спировска, која со својот препознатлив шарм, ќе ја запознава публиката со богатата програма.
„Зелникот на баба“ не е само фестивал – тоа е потсетник на корените, на семејните вредности и на вкусот што не се заборава. Настан кој ги обединува генерациите – од бабите со сукало во рака, до младите кои ја сакаат традицијата на нов начин.
Затоа ако сте за ден исполнет со вкус, музика и емоции – на 21 март, патот нека ве води во Пробиштип. (Д. М.)












