сабота, јуни 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА  Почна штипската „Пастрмајлијада“

 Почна штипската „Пастрмајлијада“

725

Со сечење на џиновската пастрмајлија на шеталиштето „Ванчо Прќе“ почна 17. издание на манифестацијата штипска „Пастрмајлијада“. По тој повод, во Штип присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, како и пратениците во Собранието, Никола Мицевски и Душко Иванов.

Николоски истакна дека ваквите настани и манифестации се значајни за локалните економии, кои со посета од страна на граѓаните ќе значи влез на неколку милиони евра во градот и за бизнисите.

– Мислам дека градоначалникот прави одлична работа. Сакам да му честитам за ова што го прави досега и убеден сум дека следниот период ќе има уште поголеми успеси и работи. Посакувам убава дружба и убави моменти да имаат не само штипјани туку сите кои ќе ја посетат манифестацијата – изјави Николоски.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, посочи дека во наредните два дена Штип ќе биде домаќин на голем број гости од земјава, но и од странство.

Џиновската пастрмајлија оваа година е рекордно голема и направена по стар штипски рецепт. Употребени се 17 килограми свежо свинско месо  и околу  25 до 30 килограми тесто, како и два до три литри зејтин. Традиционално, ја подготвува Николче Малинов. Со нејзиното сечење на шеталиштето „Ванчо Прќе“ се означи стартот на годинашното издание на манифестацијата штипска „Пастрмајлијада“, која започна денеска, а ќе трае и утре.

Минатата година џиновската пастрмајлија тежела 15 до 16 килограми.

За нејзината подготовка се потребни околу два часа, а со печењето околу два и пол часа.

Манифестацијата „Пастрмајлијада“ почна од шеталиштето „Ванчо Прќе“, каде е предвидена целодневна музичка програма и настап на локални музичари од Штип. Дополнително, на десет поставени штандови ќе се продава од штипскиот специјалитет – пастрмајлија, кој ќе биде достапен за посетителите по цена од 220 денари.

ИЗДВОЕНИ