Очајните жители се вратија во оштетените домови и областите погодени од пожари северозападно од Атина во вторник, откако пожарите низ Грција стивнаа. Сепак, стотици пожарникари останаа во готовност поради можни нови пожари во недостапните ридови низ целата земја.
Локалните екипи за итни случаи добиваат помош од канадерите, додека засилувањата од Романија и Франција работат на три фронта западно од Атина околу Коринтскиот Залив, каде што се борат со пожарите од петокот.
Силните ветрови што дуваат од Егејското Море ги попречуваат нивните напори, а авионите понекогаш не можат да помогнат, изјавија официјални лица.
„Зборуваме за пожар за време на кој немавме достапни авиони 30 часа постојано, што ни предизвика многу тешкотии“, изјави заменик-портпаролот на противпожарната служба Јоанис Артопојос за јавниот радиодифузен сервис ЕРТ.
Европа се бори со шумски пожари ова лето по рекордни топлински бранови и малку дожд, услови за кои научниците велат дека се влошени од климатските промени предизвикани од човекот.
Франција и Шпанија беа особено погодени, но огромни пожари беа изгаснати таму во текот на викендот. Грција, каде што шумските пожари се чести, досега имаше релативно благо лето, пишува Ројтерс.
Двајца членови на екипажот на противпожарен хеликоптер загинаа во неделата во близина на крајбрежниот град Псата, на околу 40 километри од Атина, откако се судри со друг хеликоптер во воздух. Двајца членови на екипажот на другиот хеликоптер преживеаја. Деталите за несреќата, во која учествуваа хеликоптери „Бел“ регистрирани во САД, моментално ги истражува Федералната администрација за воздухопловство на САД, соопштија грчките власти.
Пожарот, кој веројатно бил предизвикан од електрични жици, избувнал во популарно атинско одморалиште. Повеќе од 200 домашни миленици и добиток спасени од волонтери се сместени во засолниште во градот Мегара, западно од Атина.
Во Порто Гермено, капелите, кои се редовна карактеристика на многу грчки домови, сè уште стоеја покрај патот или на влезовите на оштетените домови. Жена во една куќа се обиде да ги исчисти скршените ќерамиди, нејзината челична врата беше поцрнета од пожарот. Грчката влада соопшти дека ќе им исплати отштета на лицата чии домови беа уништени или оштетени.
„Беше прекрасно место, ги поминувавме летата тука. Поминавме среќни моменти тука, а сега не остана ништо“, рече Џијалија, критикувајќи го она што го нарече бавен одговор на пожарникарите.
Друг жител го дели истото чувство. „Нашата душа гори, нашиот дом можеби не беше изгорен, можеби беше спасен, но нашата душа гори кога го гледаме“, рече тој за изгорениот пејзаж. Имаше пет мали фронтови, и тие дозволија да станат цел пожар. Тие не направија ништо. Нè оставија на Божјата милост и немилост“, додаде тој за Ројтерс.












