Дали банките ќе ги поскапат кредитите е главното прашање што се наметнува по одлуката на Народната банка да ја зголеми основната каматна стапка од 4 на 4,25 проценти. Народната банка се одлучи на овој чекор, пред сè, поради зголемената инфлација, која порасна како последица на случувањата и конфликтите на Блискиот Исток. Според Банката, и покрај најавите за мировен договор меѓу САД и Иран, инфлаторните ризици сè уште остануваат присутни. Освен можноста за зголемување на каматните стапки на кредитите, неколку банки веќе најавија и повисоки провизии за дел од своите услуги.
Економските експерти сметаат дека е неопходно да се воведе поголем ред во банкарскиот сектор, особено во делот на банкарските услуги, чии трошоци континуирано растат и дополнително го оптоваруваат буџетот на граѓаните. Покрај зголемувањето на провизиите, можно е да дојде и до раст на каматните стапки на кредитите, како директна последица на зголемувањето на референтната каматна стапка за 0,25 процентни поени.
– Трошоците што ги наплатуваат банките и ги претставуваат како трошоци, всушност, се приход што го остваруваат благодарение на својата пазарна позиција. Притоа, не станува збор за дополнителни расходи што тие реално ги имаат, туку за приходи што произлегуваат од нивната доминантна улога на пазарот. Треба да постои одреден лимит, бидејќи не е прифатливо банките неограничено да ги зголемуваат надоместоците и провизиите. Тие се однесуваат како монополи и имаат можност да навлезат во џебот на граѓаните колку што сакаат. Банкарскиот сектор е регулиран од централната банка и затоа Народната банка треба да го уреди ова прашање на начин што ќе ги заштити граѓаните од дополнително финансиско оптоварување и нема да дозволи тие да бидат оштетени – изјави за весникот ВЕЧЕР Јован Пејковски, економски експерт и универзитетски професор.
Банките остваруваат дополнителни профити преку различните давачки што им ги наплатуваат на граѓаните, како што се провизиите и каматните стапки.
– Овие надоместоци во иднина мора да бидат законски регулирани, бидејќи, во спротивно, ќе продолжат да растат. По зголемувањето на референтната каматна стапка, која, всушност, претставува цена на капиталот, реално е да се очекува и раст на каматните стапки на кредитите. Централните банки ја зголемуваат референтната каматна стапка со цел да ја намалат инфлацијата. Повисоките каматни стапки ги прават кредитите поскапи, што доведува до намалување на побарувачката за задолжување. На тој начин се намалува количината на пари во оптек, а тоа придонесува за намалување на инфлациските притисоци – појаснува Пејковски.
Според него, преку овие дополнителни трошоци банките воспоставиле механизам за континуирано зголемување на своите профити на товар на граѓаните. Така, на пример, за купување стан во вредност од 100.000 евра, граѓаните на крајот, преку отплата на кредитот и каматите, враќаат повеќе од 160.000 евра. Тоа покажува колкав е товарот што го носат граѓаните при задолжувањето.
Тој смета дека основните банкарски услуги во Македонија треба да бидат бесплатни, по примерот на Хрватска, каде што дел од услугите во платниот промет се законски регулирани и не им се наплаќаат на граѓаните.
Во јавноста не стивнуваат реакциите откако дел од банките најавија зголемување на провизиите за одредени услуги од 1 август, што предизвика незадоволство кај граѓаните, синдикатите и кај политичките партии.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, изјави дека централната банка нема законска надлежност да ги одобрува провизиите што ги наплаќаат деловните банки.
– Минатата година, имајќи ги предвид забелешките на граѓаните, презедовме мерки за намалување на дел од надоместоците. Сега неколку банки најавуваат ново зголемување, но не гледаме економска оправданост за таков потег, особено ако се има предвид дека банкарскиот сектор работи стабилно и остварува солидни финансиски резултати – изјави Славески.
Тој посочи дека една од поголемите банки веќе ја одложила примената на новите тарифи за неколку месеци, додека во меѓувреме продолжуваат разговорите за изнаоѓање решенија што би ги намалиле трошоците за граѓаните.
Според гувернерот, услугите поврзани со платниот промет треба да се третираат како јавна услуга од општ интерес.
– Мојот став е дека платниот промет е јавно добро. Тоа е услуга што по својата важност не се разликува многу од снабдувањето со електрична енергија, вода или телекомуникациските услуги. Затоа треба сериозно да се разгледа можноста основните банкарски услуги да бидат бесплатни – нагласи Славески.
Според најавите на банките, од август провизиите за дел од услугите би можеле да се зголемат за околу 30 проценти. Поскапувањето ќе ги опфати плаќањето на шалтер, одржувањето на платежните и на девизните сметки, дигиталното банкарство, меѓународните трансфери, како и дел од услугите поврзани со кредитите.
Најголемо зголемување се очекува кај плаќањето режиски сметки во готово, каде што провизијата би се зголемила од 90 на 120 денари за трансакција.
Најавеното поскапување предизвика критики од синдикатите и од дел од политичките партии, кои предупредуваат дека дополнителните банкарски трошоци ќе претставуваат нов удар врз семејниот буџет во услови на високи цени и зголемени трошоци за живот.
(А. С.)












