
Во низа објави на социјалните мрежи и во телевизиски интервјуа, Трамп се закани дека ќе го бомбардира Иран, па дури и дека ќе го киднапира иранскиот преговарачки тим ако не се отвори Хормускиот Проток. Заканите предизвикаа негодување кај иранскиот тим, по што иранските државни медиуми објавија дека преговорите влегле во „тешка фаза“ и дека биле прекинати по „објавувањето навредлива порака од американскиот претседател“. Во разговорите што завршија рано изутрината во понеделникот со интервенција на Катар и на Пакистан, меѓу другото е договорено да се формира „ќелија за деескалација на конфликти“ со либанската Влада за да се обезбеди „почитување на прекинот на воените операции во Либан“, но Израел не се согласува со прекинот на огнот, со забелешка дека „Либан треба да биде игралиште за Израел“
Преговорите на високо ниво меѓу САД и Иран, кои се одржуваат во Швајцарија, треба да продолжат до крајот на неделава и покрај напнатиот почеток. Иранските преговарачи накратко го напуштија состанокот во знак на протест поради низата закани објавени од американскиот претседател, Доналд Трамп, на социјалните мрежи, но со посредство на Катар и на Пакистан, разговорите продолжија до рано изутрината во понеделникот.
Сето ова доаѓа откако двете страни минатата недела потпишаа меморандум за разбирање со цел да се деблокира Хормускиот Проток и да почнат 60-дневни разговори за цивилната нуклеарна програма на Иран.
Во низа објави на социјалните мрежи и во телевизиски интервјуа, Трамп се закани дека ќе го бомбардира Иран, па дури и дека ќе го киднапира иранскиот преговарачки тим ако не се отвори протокот. Заканите предизвикаа негодување кај иранскиот тим, по што иранските државни медиуми објавија дека преговорите влегле во „тешка фаза“ и дека биле прекинати по „објавувањето навредлива порака од американскиот претседател“. Иако иранските претставници го напуштија состанокот, делумно поради внатрешен политички притисок, главниот преговарач на Иран, Мохамед Багер Галибаф, ги отфрли заканите.
– Не гледаат ли сами дека немаше да бидат во денешниот очај доколку нивните закани имаа некаков ефект? Воопшто не ги земаме предвид американските закани – изјави тој.
По објавите на Трамп, иранската делегација поднесе официјален протест до медијаторите, барајќи неговото „заплашување“ да се стави под контрола. Катар и Пакистан работеа зад сцената за да ги одржат разговорите, и успеаја во тоа, па треба да продолжат до крајот на неделава.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, го пофали катарско-пакистанското посредништво, велејќи дека „е постигнат значаен напредок“. Во заедничката изјава на Катар и на Пакистан се наведува дека САД и Иран се согласиле да воспостават „комуникациска линија“ за да се избегнат инциденти во Хормускиот Проток. Исто така, беше договорено да се формира „ќелија за деескалација на конфликти“ со либанската Влада за да се обезбеди „почитување на прекинот на воените операции во Либан“. Арагчи рече дека првиот вистински тест на тие договори ќе биде механизмот за деескалација поради борбите меѓу Израел и Хезболах во Либан. Но, министерот за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир, во понеделникот повика на отфрлање на каков било договор за прекин на огнот во Либан, велејќи дека таа арапска земја „треба да биде игралиште на Израел“.
– Израел не може да се согласи за прекин на огнот во Либан – рече крајнодесничарскиот министер во интервју за израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН.
Тој го повика премиерот Бенјамин Нетанјаху да му пренесе на Трамп дека Израел отфрла каков било прекин на огнот во Либан.
– Трамп е вистински пријател и мора да се однесуваме кон него љубезно и срдечно, но мора да му кажеме дека не можеме да се согласиме за прекин на огнот во Либан. Ние донесуваме одлуки, а нашите војници постигнуваат добри резултати – рече Бен-Гвир.
Неговото противење доаѓа во услови на зголемено несогласување во израелските политички и безбедносни кругови околу меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран и неговите можни импликации за прекинување на војната на либанскиот фронт. Израел и Либан треба да ја одржат петтата рунда директни разговори во Вашингтон, во вторник.











