Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е должна веднаш да одговори дали на средбата Муцунски-Чамова во Софија е договорено бегството на Ива Михаилова, кое во Македонија ќе биде иницијална каписла за предвремени парламентарни избори, после кои техничката Влада задолжена за нивното организирање ќе влезе во процес на уставни измени?, бараат организаторите на „Платформата Разговори за иднината во 12:05“.
Тие во својата реакција порачуваат дека доколку Владата демантира, да прогласи институционална неспособност, а министрите за правда, МНР и МВР да поднесат неотповикливи оставки.
„Доколку Владата го демантира претходното, тогаш веднаш да признае и прогласи целосна институционална неспособност и да побара помош од меѓународни стратешки партнери, додека сè уште не сме го загрозиле безвизниот режим со ЕУ и не сме го вклучиле алармот на НАТО Алијансата заради неодговорно управување со државните граници“, велат организаторите на „12:05“.
Според нив, по бегството на Ива Михаилова неопходно е конечно да се вклучи и ЕК.
„Конечно, ја повикуваме Европската комисија да побара од официјална Софија да престане со провокациите од највисоко политичко-државно ниво и да побара Ива Михајлова без одлагање да биде предадена на македонските правосудни органи. Во спротивно, заради ваквите настани, понижувања, режирање жртви на непостоечка дискриминација врз бугарски државјани, во Македонија расте внатрешниот притисок за отворање на прашањето за преиспитување на Договорот за добрососедски односи“, велат од организаторите на Платформата.
Во својата реакција велат дека сочувствуваат со срамот на граѓаните и потсетуваат на пдните бегства од Драган Даравелски, Никола Груевски и Артан Груби.












