среда, октомври 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Планинарскиот дом „Димитар Илиевски-Мурато“ на Пелистер доби фотоволтаичен систем

Планинарскиот дом „Димитар Илиевски-Мурато“ на Пелистер доби фотоволтаичен систем

1

Планинарскиот дом „Димитар Илиевски-Мурато“, лоциран кај Големото Езеро на Пелистер, доби фотоволтаичен систем со кој ќе се овозможи користење на сончевата енергија за неговите потреби.

Поставувањето на системот е дел од активностите во рамките на „Славков проект – маркација на планински патеки во Македонија“, кој покрај обележувањето и унапредувањето на планинарските патеки опфаќа и подобрување на условите во планинарската инфраструктура.

Со користењето на обновливи извори на енергија, се очекува да се зголеми енергетската независност на домот и да се подобрат условите за престој на планинарите и на посетителите. Ова е особено значајно за планинарските објекти на повисоките планински предели, каде што е ограничен пристапот до електричната мрежа и до другите инфраструктурни капацитети.

Активностите на Пелистер се реализираат со директна поддршка од Амбасадата на Република Словачка. Целиот „Славков проект“ е поддржан од амбасадите на Австрија, Чешка и на Словачка во Македонија.

Во реализацијата на активностите на терен, логистичка поддршка обезбедија „Маунтин рескју“ и ПСК „Пелистер“ од Битола.

Со оваа активност, проектот го проширува својот опфат од уредување на планинарските патеки кон создавање поодржливи услови за планинарење и за развој на планинскиот туризам.

 

ИЗДВОЕНИ