Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската Унија (ЕУ) ја продолжуваат својата поддршка за инклузивното претприемаштво во земјава преку нов финансиски пакет во износ од 5 милиони евра, во рамките на програмите „Жени во бизнис“ и „Млади во бизнис“. Финансискиот пакет се состои од два еднакви долгорочни, необезбедени кредити во износ од по 2,5 милиони евра. Првиот е насочен кон поддршка на малите и средните претпријатија управувани од жени, а вториот кон компаниите во сопственост или управувани од млади претприемачи до 35 години.
Средствата ќе бидат целосно насочени кон микро, малите и средните претпријатија (ММСП), со цел да се подобри нивната можност за долгорочно финансирање, инвестирање и раст.
Програмата „Жени во бизнис“ има цел да го поттикне економското учество на жените преку поддршка на бизнисите раководени од жени, додека „Млади во бизнис“ се фокусира на создавањето можности за младите претприемачи да развиваат одржливи бизниси и да отвораат нови работни места.
Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Македонија, изјави дека поддршката на жените и на младите е клучна за создавање поинклузивна и поконкурентна економија. Тој нагласи дека новиот пакет ќе им овозможи на претприемачите подобар пристап до финансирање за раст и инвестиции.
Амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, порача дека проширувањето на пристапот до финансии е клучно за искористување на економскиот потенцијал на земјата. Тој нагласи дека поддршката на овие групи придонесува за отворање нови работни места, зајакнување на локалните заедници и за намалување на сиромаштијата.
ЕБОР досега има инвестирано над 3 милијарди евра во повеќе од 210 проекти во Северна Македонија, со што останува еден од најголемите институционални инвеститори во земјата.












