Македонскиот пасош се најде на високото 33. место во светот, а пред него е само српскиот. Од земјите од Западен Балкан, без членките на ЕУ, само српскиот пасош е подобро рангиран од македонскиот. Тој е едно место погоре, односно 32. на ранг-листата и на неговите носители им овозможува патување без виза во 91 земја. Позицијата на црногорскиот пасош е веднаш зад македонскиот – на 34. место, со ист број дестинации за кои не е потребна виза (85). Следуваат Албанија и Босна и Херцеговина, кои го делат 40. место со пристап до 81 земја без виза. Најслабо рангиран пасош во Западна Европа е косовскиот – на 53. место, со кој може да се патува без виза во 58 држави
И во најновото рангирање на „Паспорт индекс“на „Артон капитал“, македонскиот пасош се најде на високото 33. место на светската листа на глобалното рангирање на патните исправи. Рангирањето се врши според резултатот за мобилност, кој го мери бројот на дестинации достапни без виза или со виза при пристигнување, електронско овластување за патување (ETA), односно забрзана постапка за добивање електронска виза. Високото место на ранг-листата македонскиот пасош го има затоа што неговите граѓани можат да патуваат без виза во 85 земји, што го сместува меѓу најсилните во регионот.
Од земјите од Западен Балкан, без членките на ЕУ, подобро од македонскиот е рангиран само српскиот пасош. Тој е едно место погоре, односно на 32. место на ранг-листата и на неговите носители им овозможува патување без виза во 91 земја. Позицијата на црногорскиот пасош е веднаш зад македонскиот – на 34. место, со ист број безвизни дестинации (85). Следуваат Албанија и Босна и Херцеговина, кои го делат 40. место со пристап до 81 земја без виза. Најслабо рангиран пасош во Западна Европа е косовскиот – на 53. место, со кој може да се патува без виза во 58 држави.
Во регионот, најсилен е пасошот на Хрватска, која е и членка на Европската Унија. Нејзиниот пасош „Паспорт индекс“ го рангираше на високото петто место во светот. Тоа значи дека Хрватите можат да патуваат без виза на 128 дестинации. Истата моќ ја делат и пасошите издадени од Словенија, Романија, Чешка, Словачка, Бугарија и Естонија.
Високорангиран, на 24 место, е украинскиот пасош, додека Рускиот е подолу, на 39. место. Најмоќниот пасош на светот е пасошот на Обединетите Арапски Емирати, со кој може да се патува без виза во 138 земји. Второто место го делат пасошите на Франција и Шпанија, кои овозможуваат безвизно патување на 132 дестинации, а третото место го држи пасошот на Норвешка. На последната, 94. позиција, се наоѓа Авганистан, чиј пасош овозможува безвизен пристап во само шест држави.
Кога земјите потпишуваат договор за безвизно патување со Шенген-зоната, која вклучува 29 европските земји, рангирањето на нивните пасоши може да порасне речиси преку ноќ, наведува „Гардијан“. Затоа Грузија, Украина и Косово се меѓу оние што најмногу се подобрија на светскиот список на пасоши според нивната моќ. Од друга страна, пасошот на САД падна за пет места оваа година и се најде на деветтото место. Основна причина за овој пад е тоа што другите земји го воведоа принципот на реципроцитет во своите визни системи како одговор на заострувањето на визните правила во Вашингтон.
Но, постојат и земји како Авганистан, Ирак, Сирија, Пакистан и Сомалија, за кои светот е сè уште во голема мера затворен. Човек со авганистански пасош може да патува само во три земји без виза, додека за да патува во 113 земји, ќе мора однапред да аплицира за виза во конзулатот.
Интересно е тоа што САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд имаат едни од најсилните пасоши во светот, но во исто време ги држат своите граници релативно затворени за странски патници.
Пасошите се и симбол на глобалните нееднаквости и променливите геополитички односи на моќ, наведува „Гардијан“. Пасошите од некои земји им овозможуваат на нивните сопственици да патуваат во странство само со резервација на лет и пакување на торбата. Други, пак, вклучуваат закажување состанок во најблискиот конзулат, поднесување документи за докажување на идентитетот и финансиската способност, а потоа чекање со недели за одлука.
Во последните 10 години, повеќе земји добија пристап до повеќе дестинации и на прв поглед, се чини дека светот се отвора. Статистиката покажува дека сè поголем број земји потпишуваат договори за безвизно патување. Надвор од Шенген-зоната, мобилноста на пасошите веројатно ќе продолжи да расте преку нови билатерални и регионални договори. Но, луѓето што не можат да патуваат без виза мора однапред да се обратат до конзулатите за да ја добијат. Ова, главно, се однесува на носителите на пасоши од Јужна и Југоисточна Азија, Северна Африка, Централна Азија, Блискиот Исток и поголемиот дел од потсахарска Африка. Притоа, Африка останува најмалку интегрираниот регион, со само 29 проценти од патувањата во рамките на континентот без виза.












