Жестока пратеничка дебата по повод предлогот судијата Ненад Савески да биде нов државен обвинител. Најмалку се зборуваше за неговиот интегритет и програмата за враќање на довербата во институцијата каде се водат истрагите. Говорницата стана форум за убедување на јавноста која власт повеќе придонела за контрола врз правосудството. Од Михајло Маневски до кланот Заеви и Чарлиевите анѓели на СЈО, летаа вербални стрели во репликите помеѓу пратениците на власта и опозицијата.
На почетокот на расправата за избор на државен обвинител, вицепремиерот Александар Николовски го образложи предлогот на Владата- Ненад Савески да ја добие подршката за во следните 6 години да ја извршува оваа одговорна функција.
„На Македонија и треба отворање на случаи со кои ќе се поправи имиџот на правосудниот систем, сега состојбата во јавното обвинителство не влева доверба во системот, почесто има неправда отколку правда“, рече Николовски и побара подршка од пратениците за избор на Савески.
„Секако еден обвинител не може сам, потребен му е тим за соработка и тоа е она што се очекува во следниот период, се надевам дека ќе ја има подршката од неговите идни колеги. Конечно ЈО од утре да почне поинаку да функционира и да слушнеме подобри вести дека конечно почна да владее правото во државата“, кажа Николовски како преставник од извршната власт од каде дојде предлогот за Савески.
СДСМ нема да гласа против предлогот, но нема да ја даде подршката, кажа пратеничката Јованка Тренчевска од собраниската говорница. Рече дека името Ненад Савески не е спорено, туку системот во кој тој влегува, во период кога се носи законот за јавно обвинителство и кога обвинителот има поголеми овластувања, опозицијата стравува од негова контрола од страна на власта.
„ Власта има намера да го претвори новиот обвинител во нејзина продолжена рака. Ненад Савески е обид на ВМРО ДПМНЕ за партиска контрола на прогонот во земјава. Нема да гласаме против бидејќи власта ќе не обвини за попречувачи на реформаската агенда, но нема да ја дадеме подршката бидејќи тој не е национален туку партиски кандидат, кажа Тренчевска која, иако Савески не беше присутен во собраниската сала, препоставувајќи дека гледа телевизија го праша: Дали ќе ги казни со ниски оценки обвинителите кои ќе одбијат да ги затворат истрагите на СДСМ? „Дали ќе направите ревизија на сите општински тендери со буџетски пари или ќе бидете стечаен управник на правдата?, праша пратеничката. „ВМРО гради систем каде законот ќе важи за опозицијата, а фиоката и условната казна за власта. Нема да бидеме учесници во повторнот заробување на државата“, заврши Тренчевска по што почна бранот реплики.
Николовски им се обрати на социјадемократите дека претходниот обвинител имал функција само да го штити нивното поранешно раководство.
„Три илјади луѓе од ВМРО-ДПМНЕ ставивте под прогон. Луѓето уште не можат на себе да дојдат. Сменивте обвинители и формиравте СЈО кое заврши како што заврши, со торба со пари“, рече Николоски и ја обвини опозицијата дека додека биле на власт правеле обиди ВМРО ДПМНЕ да згасне како политичка партија.
„Оваа што е генерален секретар на НАТО целта и беше со судска одлука да го затвори ВМРО-ДПМНЕ и да го прогласите за терористичка организација“, изјави во репликата Николовски и потсети на непостапувањето на Љупчо Коцевски по тврдењата од Христијан Мицкоски дека бил следен од службите.
Тренчевска му возврати дека е загрижен само за поранешниот премиер во Будимпешта.
„Од вашата реплика очигледно е дека сте загрижени само за Груевски. Да не заборавиме на заробената држава во времето на владеењето на ВМРО. И претходно и сега, вашата цел е да имате контрола врз правосудните органи. Токму поради тоа е нашата загриженост“, изјави Тренчевска.
Во репликите кои се редеа од говорницата најмногу се спонуваа обвнителките од поранешното СЈО.
Пратеникот Љупчо Пренџов од говорницата ја запраша Тренчевска „ Дали маичката со СЈО ви е омалена или обледена или фрлена. На ова таа му возврати со контра прашање-каде им се сега на нив (ВМРО ДПМНЕ) маичките со слоганот името не го даваме, никогаш северна-секогаш Македонија. „Во СДСМ имаме нови маички, ВМРО ОКГ“, им се обрати таа на пратениците од васта.
Реплицираше Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека за СДСМ било „цивилизациски шокантно“ некој да не сака да намести јавен обвинител и дека затоа вака реагираат. Ги наброја сите обвинители кои според негова оценка биле од прв до последен под партиско влијание на СДСМ, заокружувајќи со Катица Јанева.
Јована Тренчевска го потсети Стојановски дека и ВМРО-ДПМНЕ учествувал во изгласувањето на СЈО. Тренчевска возврати со прашањето: „Се сеќавате ли на Михајло и Филимена Маневски? Се сеќавате ли на Сваровски судството? Се сеќавате ли на тефтерчето на Горде?
Претходно пратеникот од власта Јован Јаулевски побара од новиот државен обвинител да ја препознае критиката кон поранешното СЈО. „Трите грации се извалкаа повеќе од трите прасиња“, рече Јаулевски за обвинителките и го повика Савевски да ги расчисти последиците од СЈО и конечно институционално да се затвори тоа поглавје макар макар тоа биле и обвинители.
„Ќе имате обврска да покажете дека ОЈО не е марионета, предметите не се отвораат по нарачка, а притворот не е по нечија желба“, рече пратеникот.
Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија побара новиот обвинител најпрво да се справи со корупцијата во сопствените редови во обвинителството, потоа да се справи со корупцијата до државниот буџет преку поажурно постапување по ревизорските извештаи.
„И трето да се справи со олигархијата, која ја контролира и градежната мафија, банките, фондовите, осигурителните компании, финасиските друштва, тоа се луѓе што се се во државата и јавниот обвинител треба ова да го реши. Ќе ја следиме неговата работа, нека докаже дека има храброст да се бори против олигархијата, ние ќе го подржиме, рече Станковиќ.
Ненад Савески е избран за нов државен обвинител со 66 гласа „за“, двајца „против“ и осумина беа воздржани. (П. А.)
Савески: Нема да има предмети во фиока и селективна правда
Новиот државен обвинител Ненад Савески во интервју за МИА вели дека најважно ќе му биде да се дигитализира работата на обвинителите и да нема, како што вели, „фиока стоп систем“.
„ Она што јас сакам да направам е да гарантирам радикална отчетност и транспарентност, дигитализација, услови за работа за еден обвинител непречено да си ја врши својата работа на еден ефикасен и достоинствен начин. Меѓу останатото и она што често се коментира е да се обезбедат финансиски средства иако акцентот се става на платите, платите не се најголемиот проблем туку се условите за работа. Не може со сиромашна институција да се бориш против богати од криминал, вели во изјави Савески.
На прашањето со кои предмети првично би се зафатил со работа, дали со некој од актуелните – со поранешниот вицепремиер Артан Груби, РЕК „Битола“ или можеби некој постар предмет како бонусите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Савески вели дека тоа што е отворено како предмет, мора да дојде како завршница. Вели дека секој предмет е важен и дека нема да води селективна правда.
„ Во суштина, сметам дека колку и да е некој предмет значаен или од интерес на јавноста, не може фокусот да се стави на тие предмети, а да се занемарат другите предмети кои ете така да ги наречам се помалку важни. Секој предмет е важен, во сите предмети се решаваат човечки судбини и судбината на секој е еднакво важна, не може ние да се фокусираме на едни предмети, а да ги запоставиме другите. Токму тоа ми е интенцијата – секој предмет да си добие еднакво значење“, изјави Савески.












