четврток, август 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Oсум пожари во Македонија – ситуацијата останува активна на повеќе подрачја

Oсум пожари во Македонија – ситуацијата останува активна на повеќе подрачја

0

Во Македонија денеска до 13 часот се регистрирани вкупно 12 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, а четири се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Најголем број локации се опфатени со пожарот во реонот на општините Прилеп, Новаци и Могила. Огнот се движи од селото Чаниште кон Крушевица и Лопатица, како и кон Црна Река и селото Орле во Општина Новаци, а е регистриран и крак кон селото Мојно во Општина Могила. Гори ниска вегетација.

Активни пожари има и во Општина Крушево, каде што гори во близина на селата Белушино и Јакреново, со зафатена ниска вегетација и деградирана дабова шума.

Во Општина Студеничани активен е пожарот на потегот Моране – Вртекица – Рамни Габер, каде што е зафатена мешана шума.

Пожар е регистриран и во Општина Македонски Брод, на местото Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица. Таму гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Во Општина Кичево, пожарот кај селото Тајмиште, на местото Дарда, зафатил високостеблеста букова шума.

Активни пожари има и кај селото Караслари во Општина Велес, каде што гори ниска вегетација и грмушки, кај селото Никуштак во Општина Липково, каде што се зафатени ниска вегетација и шума, како и кај селата Кучкарево и Градиште во Општина Куманово, каде што гори ниска вегетација.

Во текот на денот се изгаснати четири пожари. Во Општина Радовиш пожарот бил кај селото Калугерци, каде што покрај ниска вегетација бил зафатен и контејнер. Пожар е изгаснат и кај стадионот во населбата Фазанерија во Гостивар, каде што гореле ниска вегетација и отпад.

Останатите два изгаснати пожари биле во местото Ило Виларов во Општина Неготино и во Ново Село во Општина Струга, каде што горела ниска вегетација.

Според податоците на ЦУК, состојбата со пожарите и натаму останува активна на повеќе подрачја, со особено внимание на локациите каде што огнот зафатил шумска вегетација.

ИЗДВОЕНИ