Теснецот Хормуз повеќе не е блокиран, но цените на горивото остануваат исклучително високи. Просечната цена на бензинот во САД изнесува 4,36 долари за галон – највисока досега забележана за овој период од годината – додека цената на дизелот е само дваесет центи под историскиот рекорд поставен минатиот месец, пренесува „Си-ен-ен“.
Повторното отворање на Ормискиот теснец го олесни снабдувањето, но не ги реши основните проблеми. Поморскиот транспорт останува ризичен и скап; украинските беспилотни летала ги напаѓаат руските рафинерии, а бунтовниците Хути попречуваат уште една витална поморска рута во Црвеното Море. „Војните не се завршени. Нема мир. Енергетскиот систем е под огромен притисок“, изјави Јан Стјуарт, глобален стратег за енергетика во компанијата „Пајпер Сандлер“ (Piper Sandler).
Трошоците за транспорт на сурова нафта од Блискиот Исток најдобро ја илустрираат големината на проблемот. Минатата година, дневната цена за изнајмување (чартер) на голем танкер на рутата од Персискиот Залив до Кина изнесуваше околу 65.000 долари, додека непосредно пред војната, таа изнесуваше приближно 230.000 долари.
Денес, изнајмувањето на истиот тип танкер чини околу 1,6 милиони долари дневно. „Тоа е лудост“, изјави Том Клоза, главен аналитичар за енергетика во „Gulf Oil“, додавајќи дека сопствениците на танкери остваруваат огромни профити сè додека нивните бродови минуваат низ воените зони без оштетувања.
Тоа, сепак, не е загарантирано. Британска агенција за поморска трговија извести дека во последните денови неколку комерцијални бродови биле погодени од ракети во теснецот Хормуз, вклучително и најмалку два танкера за сурова нафта.
Покрај повисоките цени за изнајмување, бродските компании мора да им плаќаат на вработените кои се подготвени да пловат низ опасни води. Некои од нив им нудат на поморците бонуси до 25.000 долари по патување – сума што може да ја надмине нивната годишна плата.
Драстично се зголемени и трошоците за осигурување. Производителите на нафта сега може да плаќаат меѓу 30 и 40 милиони долари за едно повратно патување низ теснецот Хормуз. Транспортот на еден барел нафта од Персискиот Залив некогаш чинеше околу два долари; Клоза проценува дека трошокот сега изнесува приближно 33 долари за барел.
Ова создаде значителен јаз помеѓу цената на нафтата на финансиските пазари и цената на физичката нафта за моментална испорака. „Dated Brent“ – референтна вредност за реалната цена на физичките барели – во четвртокот изнесуваше 135,74 долари за барел.
Во исто време, со фјучерс-договорите се тргуваше по цена од околу 100 долари. Токму оваа повисока цена на физичката нафта, во комбинација со трошоците за транспорт и осигурување, на крајот се одразува врз цените на бензинските пумпи. „Соединетите Држави не живеат во изолација. Ние зависиме од глобалната цена бидејќи увезуваме бензин“, изјави Стјуарт.
Ормускиот теснец не е единствениот проблем. Конфликтот меѓу САД и Иран трае подолго од очекуваното, додека нападите со дронови и ракети од страна на Хутите го попречуваат сообраќајот низ теснецот Баб ел-Мандеб, уште една витална артерија на глобалната трговија.
Истовремено, украинските дронови сè почесто ги напаѓаат руските рафинерии. Русија го ограничи извозот на гориво поради проблеми со домашното снабдување, а и Кина го намали извозот за да го заштити сопствениот пазар.
Рафинериите во САД веќе работат со капацитет близок до максимумот, при што некои од нив го намалуваат производството поради планирано одржување. Ураганот „Исајас“ претставува дополнителен ризик, со потенцијал да го попречи производството и работата на рафинериите долж американскиот брег на Мексиканскиот Залив.
Цените ќе беа уште повисоки доколку светот немаше значителни комерцијални и стратешки резерви на нафта и гориво на почетокот на годината. Овие резерви значително се намалија во последните месеци за да се ублажат прекините во снабдувањето. Со оглед на тоа што залихите сега се значително помали, пазарот има многу мал простор да апсорбира нов шок. „Работиме со многу ниски залихи. Веќе немаме никаков заштитен резервен капацитет“, рече Стјуарт.












