Грција ја номинираше планината Олимп за листата на светско наследство на УНЕСКО, објаснувајќи дека тоа е место што ги комбинира културното и природното наследство.
Номинацијата на Олимп за листата на светско наследство на УНЕСКО ќе се дискутира за време на состанокот на Комитетот за светско наследство во Бусан, Јужна Кореја, од недела 19 до 29 јули.
Планината Олимп, највисоката планина во Грција, митолошкиот дом на 12-те олимписки богови на античка Грција, чии врвови се покриени со снег поголемиот дел од годината, со векови ја фасцинира и ја плени имагинацијата.
Издигнувајќи се на 2.918 метри надморска височина од нејзината основа, која е речиси на ниво на морето, оваа планина, според античките Грци, била седиште на Зевс, кралот на сите антички богови.
Малку локации имаат толку важно место во старогрчката митологија како планината Олимп.
Според легендата, врховниот бог Зевс го зазел својот престол на дворот на Олимп откако го соборил својот татко Крон во десетгодишната војна што го завршила владеењето на Титаните.
Планината го задржала своето религиозно значење во христијанската ера, а се верува дека капелата посветена на Свети Илија, која се наоѓа на истоимениот врв на 2.803 метри надморска височина, е највисоката православна верска градба лоцирана над морското ниво, пренесува „Танјуг“.












