
Црна Горе е пред влезот на Европската Унија, но пред да го пречекори прагот, Хрватска, која е членка на Унијата, бара од неа да реши осум отворени прашања, од кои повеќето се наследство од војната во 1990-тите години, дознава „Хина“ од хрватски дипломатски извори.
Барањата, кои ги испрати официјален Загреб до членовите на Унијата, се однесуваат на поглавјето 23 од преговорите, кое ги вклучува судството и основните права, и на поглавјето 31, кое се однесува на надворешната, безбедносната и на одбранбената политика. Истовремено, Хрватска продолжува да го поддржува европскиот пат на Црна Гора, бидејќи нејзиното пристапување кон Унијата е и во нејзин интерес, истакнуваат изворите.
Меѓу осумте барања на Хрватска е обесштетување на повеќе од 300 хрватски граѓани, претежно од Дубровник, кои меѓу октомври 1991 и август 1992 година биле притворени во логорот Морињ. Се бара и зачувување на спомен-плочата поставена на местото на поранешниот логор, која заеднички ја открија хрватските и црногорските министри во октомври 2022 година, но потоа имаше барања за нејзино отстранување, а околу неа беше поставена метална рамка што би можела да ја покрие.
Третото барање се однесува на преименување на градскиот базен во Котор, кој го носи името на ватерполистот Зоран Гопчевиќ, за кого хрватската страна тврди дека бил чувар во Морињ во 1991 и 1992 година. Загреб, исто така, бара целосна соработка од црногорските власти во утврдувањето на судбината на 14-мина исчезнати хрватски државјани, како и размена на информации, продолжување на работата на надлежните комисии и пристап до архиви и документи што би можеле да помогнат во нивното пронаоѓање и утврдување на нивната судбина.
Едно од барањето е и процесуирање на одговорните за воени злосторства, вклучувајќи и одговорност врз основа на командна одговорност. Во документот, се наведува дека до денес не е донесена ниту една осудителна пресуда врз основа на командна одговорност. Во случајот „Морињ“, четворица припадници на ЈНА беа правосилно осудени за воени злосторства и добија вкупно 12 години затвор, но тие пресуди не ги вклучуваа злосторствата против цивилите притворени во логорот. Меѓу барањата е и решавање на имотните права на хрватските семејства во Црна Гора. Хрватска наведува дека меѓу нерешените случаи се 51 семејство од Тиват и други семејства од Бока Которска, чии барања, според хрватскиот документ, не се решени и покрај конечните судски пресуди или долготрајните правни постапки.
Преостанатите две барања се однесуваат на поглавјето 31. Хрватска бара враќање на училишниот брод „Јадран“, кој е под црногорска контрола од 1991 година. Загреб смета дека бродот ѝ припаѓа на Хрватска врз основа на Договорот за прашања на сукцесијата од 2001 година. Пред распадот на Југославија, бродот се наоѓал во Сплит, а бил на ремонт во Црна Гора кога избувнала војната во 1991 година. Второто барање од тоа поглавје се однесува на границата меѓу двете земји. Загреб конкретно бара Подгорица да потврди почитување на поранешната меѓурепубличка копнена граница на двете земји. Според хрватските експерти, отстапувањата на терен не надминуваат 220 метри и би можеле да се решат во постапката за демаркација.
Хрватска во документот наведува дека доследно ја поддржувала евроатлантската интеграција на Црна Гора, вклучувајќи го и нејзиниот влез во НАТО и дека ѝ обезбедила хрватски превод на законодавството на ЕУ во вредност од осум милиони евра. Во исто време, Загреб предупредува дека, според нивна процена, одредени еднострани потези на црногорските власти повторно ги поттикнале историските тензии и непотребно ги оптовариле билатералните односи.











